Министерката за образование и наука, Весна Јаневска вели дека се работи на законските измени со кои ќе се предвидуваат санкции за родителите чии деца прават насилни дела. Денеска (15 мај) министерката рече дека со пратениците веќе се работи на дефинирање на законските измени.
„Државниот секретар е во постојан контакт со пратениците. Мислам дека во овој момент се во Собранието за да ги дооформат овие предлози. Веќе е донесена одлука, тие измени ќе се направат и останува глобата од 250 евра за секое сторено насилно дело на детето да биде казнет родителот, но и тоа што е многу важно и кога родителот ќе одбие да соработува со училиштето и другите институции“, рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање.
Министерката Јаневска ги најави законските измени пред два дена посочувајќи дека мора да се создаде безбедна училишна средина откога во изминатиот период јавноста е сведок на неколку случаи на врсничко насилство, од кои последниот во основното училиште „25 Мај“ во Ченто кога со остар предмет беше повреден 15-годишен ученик.
Реакција од опозицијата
Во меѓувреме, опозициската СДСМ побара вонреден инспекциски надзор во училиштата и ученичките домови, ревизија на безбедносните протоколи и редовно објавување јавни податоци за булингот, насилството и преземените мерки.
СДСМ предлага и унифициран протокол за постапување при насилство, закани и внесување оружје во основните и средните училишта, како и законска обврска институциите да реагираат во рок од 24 часа по секоја пријава.
Претседателот на Комисијата за образование и наука на оваа партија, Јованче Манасков, побара одговорност од министерката, Јаневска и смена на директорите на училиштата кои, како што обвини партијата, криеле, игнорирале или не реагирале навреме на случаи на насилство, булинг, закани и инциденти со ладно оружје во училиштата и ученичките домови.
Во пакетот мерки што го предлага опозицијата се и вработување психолози и педагози во училиштата каде што недостига стручен кадар, формирање тимови за брза реакција, национална анти-булинг програма, дигитална платформа и анонимна линија за пријавување насилство.
Загрижувачки податоци од УНИЦЕФ
На почетокот на овој месец, УНИЦЕФ информираше дека повеќеод две од три деца на возраст од 1 до 14 години во земјава доживуваат насилна дисциплина во домот, што вклучува психолошка агресија и/или физичко казнување.
Вкупно 23 отсто од младите на возраст од 13 до 15 години во Северна Македонија пријавиле дека биле малтретирани најмалку еднаш во последните неколку месеци, покажуваат најновите податоци на УНИЦЕФ, водечка меѓународна организација за заштита на правата на децата.


