По инцидентот во Ченто, Јаневска бара поголема одговорност од родителите

Објавено:

Министерката за образование и наука Весна Јаневска апелира до родителите да им посветат внимание на своите деца. Нејзиниот апел следува по последниот случај со физичко насилство во основното улилиште „25 Мај“ во Ченто, каде што беше прободен со остар предмет 15-годишен ученик. Таа денеска изјави дека државата ќе стори сè што е во нејзина надлежност, но дека важна алка се и родителите во целиот процес. 

„Ладното оружје децата не го наоѓаат во училиште, ладното оружје го наоѓаат надвор. Оттука, неопходна е соработка со сите сектори што се засегнати, но ги повикувам и ги молам родителите да им посветат внимание на своите деца. Целата држава, што и да направи, ако не се вклучат родителите, не може да постигнеме успех“, изјави Јаневска на прес-конференцијата во Министерството за образование.

Министерката најави измени во Законот за основното образование, со кои ќе се предвиди казна за родителот чие дете има насилно однесување во училиште.

„Во моментот разговараме со пратениците за да се формулира оваа измена во законот“, рече Јаневска.

Таа го повтори ставот дека треба да бидат лиценцирани и училишните психолози и дека е потребна едукација и на наставниците за да ги забележат ваквите насилни однесувања.

„Постои закон во кој се вели дека секој психолог треба да е лиценциран. Тој закон не е влезен во имплементација. Веќе кажав дека ќе побарам да се лиценцираат и училишните психолози, кои треба да направат стручни тимови и да работат со децата, и со родителите, и со наставниците во препознавање на она што се случува во училиштето“, рече Јаневска.

Вчера, малолетник од прва година средно прободел деветтоодделенец во училиште во Ченто. Според информациите во дел од медиумите, причина за нападот биле пораки што деветтоодделенецот ги разменувал со роднина на средношколецот.

Врсничкото насилство во Македонија останува сериозен проблем, особено во основните и средните училишта. Пред десетина дена, шестоодделенка од училиште во Ѓорче Петров била нападната од малолетнички кои снимале со мобилен телефон како ја тепаат, гасат цигари од нејзиното тело и насилно ја принудиле да јаде кучешки измет. Малолетничките добија мерки на претпазливост, а нивните родители кривични пријави.

Од Министерството за образование и наука најавија дека ќе воведат задолжителни дежурства на наставниците во ходниците и училишните дворови.

Минатата година, МВР регистрираше над 90 инциденти поврзани со врсничко насилство од кои над 60 се физички напади.