Скопското обвинителство бара мерки на претпазливост за четирите малолетнички кои
малтретираа тринаесетгодишно девојче во Ѓорче Петров.
Основното јавно обвинителство Скопје денеска, 6 мај поднело барање за поведување подготвителна
постапка до судијата за деца во Основниот кривичен суд Скопје за четири деца за кривично дело насилство.
Како што информираат од Обвинителството, малолетничките, од кои една на возраст од 17 и три на возраст од 14 години, во два одвоени настани, учествувале во дејствија на насилство кон друго 13-годишно девојче и за нив постапката се води согласно Законот за правда за децата.
„Имајќи ги предвид сите околности, тежината и начинот на сторување на делото, јавниот обвинител до судијата за деца достави и предлог за определување мерки на претпазливост за малолетничките“, се наведува во соопштението од Обвинителството.
Инаку во врска со истите настани, до Основното јавно обвинителство Скопје вчера, 5 мај, биле доставени шест кривични пријави по член 201 од Кривичниот законик – Запуштање и малтретирање дете, против лица кои како родители ја запоставиле својата должност за грижа и воспитување, а како резултат на тоа малолетните деца на пријавените лица извршиле кривично дело-насилство.
Пред десетина дена, шестоодделенката од училиште во Ѓорче Петров била нападната од пријавените малолетнички кои снимале со мобилен телефон како ја тепаат, гасат цигари од нејзиното тело и насилно ја принудиле да јаде кучешки измет.
Овој случај предизвика бурни реакции во јавноста, а психолозите предупредија дека ваквите случаи оставаат длабоки и долгорочни последици врз менталното здравје на децата.
Од Министерството за образование и наука најавија дека ќе воведат задолжителни дежурства на наставниците во ходниците и училишните дворови.
Минатата година, МВР регистрираше над 90 инциденти поврзани со врсничко насилство од кои над 60 се физички напади.


