И родителите на малолетничките од Ѓорче Петров добија кривични

Објавено:

По четири малолетнички од Ѓорче Петров кои добија кривични пријави за напад врз 13-годишно девојче, Министерството за внатрешни работи (МВР) соопшти дека кривични добиле и нивните родители.

Тие се пријавени за запуштање и малтретирање дете бидејќи нивните деца извршиле физички напад врз 13-годишно девојче.

Девојчето беше нападнато од пријавените малолетнички (една 17-годишна и три 14-годишни) кои снимале со мобилен телефон како ја тепаат, гасат цигари од нејзиното тело и насилно ја принудиле да лиже кучешки измет.

Овој случај предизвика бура реакции во јавноста.

Од Министерството за образование и наука најавија дека ќе воведат задолжителни дежурства на наставниците во ходниците и училишните дворови.

„Оние што се вклучени во образовниот процес – наставниците, стручната служба, но секако и родителите – треба да помогнат во воспитувањето на децата. А добро воспитани деца, всушност, обезбедуваат и добри, безбедни училишта. Ја зајакнуваме улогата на наставникот на секој можен начин бидејќи тие се клучни – како во образованието така и во воспитувањето. Но апелирам и до родителите: малку повеќе внимание и прифаќање на сугестиите од наставниците“, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска на 5 мај.

Минатата година, МВР регистрираше над 90 инциденти поврзани со врсничко насилство од кои над 60 се физички напади.