Американскиот министер за финансии Скот Бесент неодамна се преселил од својот дом во американска воена база, откако од Иран му биле упатени смртни закани, објави Ројтерс, повикувајќи се на две лица запознаени со случајот.
Висок разузнавачки функционер во администрацијата на Трамп во меморандум, до кој Ројтерс имал увид кон крајот на октомври, предупредил дека иранските планови насочени против американскиот персонал и граѓаните на САД влегле во напредна фаза.
Според пишувањето на „Њујорк тајмс“, засега не е јасно колку се сериозни заканите упатени кон Скот Бесент.
Министерството за финансии го потврдило неговото преселување, порачувајќи дека заканите од иранскиот режим нема да го одвратат од извршувањето на неговите должности.
Министерот Бесент ја предводи американската економска кампања против Иран, во чии рамки Вашингтон воведува санкции против банки, поединци, компании и авиокомпании.
Безбедносните ризици за Бесент се зголемиле откако „Волстрит џурнал“ објавил фотографија од воздух на неговата вила во населбата Џорџтаун. Бесент ја купил куќата за 12,5 милиони долари, набргу по потврдата на неговото именување за министер за финансии во јануари 2025 година.
Фотографијата овозможила прецизно да се утврди локацијата на домот на Бесент, поради што тој, од безбедносни причини, бил преместен во воена база.
Како што наведува „Њујорк тајмс“, Бесент не е единствениот функционер во администрацијата на Трамп кој морал да го напушти својот дом и да се пресели на побезбедна локација.
На сличен начин претходно биле преместени и шефот на кабинетот на Белата куќа, Стивен Милер, како и поранешната државна обвинителка Пем Бонди.
Иран претходно ги отфрли обвинувањата дека планира напади врз функционери и други лица на американска територија.


