Проф. д-р Никола Јанкуловски е нов претседател на Лекарската комора

Објавено:

Проф. д-р Никола Јанкуловски е избран за нов претседател на Лекарската комора, а д-р Идриз Орана за заменик-претседател. На седницата на Собранието на Комората се избрани и тројца потпретседатели д-р Биљана Петковска Огњанова – потпретседател за примарно здравство, д-р Ленче Нелоска – потпретседател за секундарно здравство и д-р Ристо Тодоров – потпретседател за терцијарно здравство.

Јанкуловски најави дека неговите приоритети ќе бидат заштита и унапредување на правата и статусот на лекарите, поголема транспарентност во работењето на Комората и дигитализација на процесите.

„Мојот фокус ќе биде насочен кон заштита и унапредување на правата и статусот на сите лекари во нашата земја, унапредување на транспарентноста во работењето на Комората и дигитализација на процесите, активно вклучување на Комората во носењето законски измени од областа на здравството“, изјави Јанкуловски по изборот.

Од Комората соопштија дека „со изборот на проф. д-р Јанкуловски, за претседател, Лекарската комора добива раководител со долгогодишно академско, менаџерско и клиничко искуство, кој својата кариера ја посвети на развојот на македонското здравство, високото образование и унапредувањето на дигнитетот на лекарската професија“.

Инаку Јанкуловски е супспецијалист по абдоминална хирургија и долгогодишен редовен професор на Катедрата за хирургија при Медицинскиот факултет во Скопје. Во кариерата бил директор на Универзитетската клиника за дигестивна хирургија, два мандата декан на Медицинскиот факултет и два мандата ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.