Млада мајка останала парализирана откако се породила со царски рез, Клековски најави вонредна инспекција

Објавено:

Вонредна инспекција најави министерот за здравство Саши Клековски во Клиничката болница во Штип, каде по породување со операција позната како царски рез 19 годишна родилка останала парализирана. Клековски изјави дека вонреден надзор ќе биде спроведен во сите три здравствени установи во кои се лекувала 19-годишната Станка Михајлова од село Баница.

Според информациите што ги објави „Слободен печат“, пациентката по вториот царски рез, извршен во Клиничката болница во Штип, развила параплегија и моментално се движи со инвалидска количка. Нејзиниот случај и стана познат на јавноста откако свекорот на младата мајка, Велибран Стојанов, во живо на Фејсбук се вклучи пред болницата во Струмица да бара помош од министерот. Според неговата изјава дадена за Слободен Печат, снаата ја донеле дома носејќи ја под мишка, затоа што не можела да оди, и набрзо по отпуштањето од болница состојбата се влошила при што морала да користи инвалидска количка.

Според отпусното писмо во кое имале увид од Слободен печат, докторите во Клиничката болница Штип, каде што Станка Михајлова е породена со царски рез на 26 јуни 2026 година ја испишале наведувајќи дека таа е „во добра општа состојба“. Во отпусното писмо тие не навеле ништо за параплегијата со која оваа жена живее повеќе од 1 месец и која почнала уште внатре, додека била хоспитализирана во болницата во Штип.

Нејзиниот свекор бара од министерството за здравство под итно да биде формирана ревизија на целиот случај и бара одговорност од лекарите бидејќи снаата останала неподвижна после царскиот рез. Михајлова е мајка на 2 деца, бебе од еден месец и дете на 3,5 годишна возраст.  

Последен случај познат во јавноста во кој лекар е осуден за лекарска грешка е случајот со родилката Јилдиз Веапоска од Дебар, која по царски рез во Струга во 2020 година остана без матка, јајник и бубрег. Судот утврди одговорност кај гинекологот Мухамед Асани. Во ноември 2025, Основниот суд во Струга го осуди Асани на 3 години затвор и 5 години забрана за вршење професија. Судот утврдил дека по влошувањето на состојбата на пациентката тој не презел неопходна дијагностика за да се утврди внатрешното крварење.

Во изминативе години Обвинителство отвори неколку предмети за лекарска грешка, меѓу кои и еден во 2022 година за битолски гинеколози кои беа обвинети за смрт на новороденче поради, според обвинението, ненавремено извршен царски рез.