„Скрол“ наместо дневник: Новите навики на младата публика

Објавено:

„Вести? Што е тоа“? – низ смеа ќе рече петнаесетгодишната Мила Н. од Скопје. Таа е средношколка која признава дека поголемиот дел од денот го поминува на телефон. Но, не за да се информира за актуелните состојби, туку за да се забавува со видеата на ТикТок, Инстаграм и Фејсбук. Ја прашавме како се информира за најновите настани дома и во светот и за што најчесто го „троши“ времето на мобилен?

„Не ме интересираат вести, не ги следам. Иако за тоа што е важно сепак дознавам кога ќе ми се појави на ТикТок или фејсбук. И најчесто гледам доколку е видео снимка, немам трпение да читам текстови и долги постови и коментари. Вести на телевизија, не гледам“, вели Мила.

Но токму ова што таа го кажува, се случува и на глобално ниво, што го потврдува и најновото истражување на Институтот за новинарство Ројтерс.

Имано повеќе од половина (52%) од испитаниците во светот на возраст од 18 до 24 години се изјасниле дека социјалните медиуми, видео мрежите и четботовите со вештачка интелигенција се нивниот главен начин за добивање вести, покажува најновиот Дигитал Њус Репорт 2026. Или како што покажува истражувањето, „миленијалците“ и генерацијата „Z“ преферираат да ги добиваат своите вести од социјалните медиуми и видео мрежите, додека телевизијата останува главен извор на вести за луѓето на возраст од 45 години нагоре.

Дигиталната генерација и крајот на традиционалното информирање

Процентот на луѓе кои ги идентификуваат социјалните медиуми и видео мрежите како главен извор на вести, исто така, годинава се зголемил на вкупно 22 пазари – вклучувајќи и држави како Германија и Индонезија.

„На глобално ниво, 30% од луѓето сега велат дека социјалните медиуми и видео мрежите се нивниот главен извор на вести – во споредба со 22% пред пет години. Причините за ова поместување се мешани: за некои, овие извори од трети страни се само подобар начин за добивање вести, а за други е поверојатно дека е последица на намаленото користење на телевизија и веб-страници и апликации за вести. Процентот на луѓе кои сега користат само социјални медиуми и видео мрежи за вести се зголеми на 12% оваа година (удвојување од 6% во 2020 година) – многу од овие лица всушност се повлекуваат од добивање вести на различни начини и наместо тоа се потпираат на повремено гледање вести кога прават други работи онлајн“, се наведува во извештајот на Институтот Ројтерс.

Истражувањето исто така покажува и дека младите сè почесто ги следат индивидуалните креатори на содржини отколку медиумските редакции. Дури 51 процент од испитаниците изјавиле дека повеќе внимание посветуваат на инфлуенсери и независни автори, додека 39 проценти повеќе им веруваат на традиционалните медиуми.

Во исто време, авторите на извештајот предупредуваат на растечки тренд на избегнување вести кај младите. Како главни причини се наведуваат заморот од негативните информации, големиот број вести поврзани со конфликти и политички теми, како и тешкотијата да се разликуваат веродостојните информации од дезинформациите на интернет.

„Не сакам да гледам или да читам вести. Многу ми се негативни. Или за насилство или за корупција, или партиите нешто се расправаат, не можам тоа да го слушам. Ме замара. Затоа си следам само спорт или си гледам некои занимливости на ТикТок, а често слушам и поткасти од инфлуенсери, вели Димитар“, студент на Економскиот факултет.

Кордалов: Младите не ги напуштаат вестите – тие ги менуваат платформите!

Извештајот на Ројтерс Институтот само го потврдува она што веќе цела деценија го гледаме во пракса: младите не се откажуваат од информирањето, туку го менуваат начинот на кој доаѓаат до информации, вели за Колегиум.мк комуникологот, Бојан Кордалов.

Според него, социјалните мрежи, кратките видеа и индивидуалните креатори на содржини стануваат нивната прва точка на контакт со вестите и најновите информации, додека традиционалните медиуми продолжуваат да играат важна улога доколку ги прилагодат своите содржини на овој тип на формати.

„Јас сум поборник на тезата дека новинарството се менува, но не ја губи својата важност, напротив, уште повеќе ја зајакнува, но е неопходно да ја прифати новата реалност и да се прилагодува на новите навики на информирање на младите, но и целокупната публика. За традиционалните медиуми ова е досега можеби најјасниот сигнал дека не е доволно квалитетната информација само да биде објавена во телевизиски дневник и потоа пренесена на официјалната веб-страница во форма на текст. Таа мора да биде присутна таму каде што е публиката и да биде пренесена во формати што тие ги следат: кратки видеа, визуелни приказни, објаснувачки содржини, подкасти, раскажувачки стории, градење инфлуенсерски пристап во поширока смисла на зборот, како и друга интерактивна комуникација“, вели Кордалов.

Mladi na socijalni mrezi, foto vitaly-gariev-unsplash
Млади на социјални мрежи, Фото: Vitaly Gariev / Unsplash

Притоа, додава тој, суштината на новинарството апсолутно останува иста и не треба да се менува. А тоа ги подразбира професионалните стандарди, проверката на фактите, независноста и одговорноста кои во дигитална и ера на вештачката интелигенција се најголемата предност што традиционалните медиуми ја имаат во време кога се чини дека секој може да објавува содржина.

Генерално, избегнувањето на вести не се променило во 2026 година и изнесува 42% на годишно ниво (за споредба, бројката изнесуваше 29% во 2017 година). Во четири земји – Бугарија, Хрватска, Грција и Турција – 60% или повеќе од населението сега велат дека понекогаш или често ги избегнуваат вестите.

Запрашани кои фактори имаат најголемо влијание врз вестите во медиумите, голем дел од испитаниците се изјасниле дека тоа се политичарите, владините претставници, но и медиумските сопственици. Покрај нив тука се споменуваат и експерти, групи на организиран криминал, огласувачи, активисти…

„Во земјите каде што луѓето перцепираат високо ниво на влијание врз вестите од групи како што се политичари, сопственици на медиуми и организиран криминал (и мало влијание од експертите), разумно е да се очекува одредена поврзаност со довербата во вестите во целина. Србија и Словачка се наоѓаат во групата од пет земји каде што довербата во вестите во целина е најниска“, се наведува во извештајот.

Но, намалениот интерес на јавноста за вестите може да има демократски, но и комерцијални импликации, посочуваат во анализата, алудирајќи дека тоа би можело да го отежне вклучувањето на граѓаните во политичкиот процес.

„Незаинтересираноста на дел од младите за кредибилните вести и информации не треба да нè остави рамнодушни. Демократијата зависи од информирани граѓани, а ако младите не ги препознаваат релевантните и доверливите извори, ризикот од дезинформации, манипулации и поларизација дополнително се зголемува. Затоа, покрај адаптацијата на медиумите, неопходно е да се инвестира и во медиумска, а особено во дигитална и ВИ писменост, за младите не само да имаат пристап до информации, туку и да се вклучат во процесот на креирање на информации, но и да знаат како критички да ги проценуваат нивната точност, кредибилитет и контекст“, истакнува Кордалов.

На крајот, клучното прашање за традиционалните медиуми и кредибилните онлајн портали е кои од нив ќе ја сфатат дигиталната промена во форматите, дали ќе се променат и адаптираат, а со самото тоа и да успеат да ја задржат довербата и да останат релевантни во дигиталната ера.

„Оние што ќе ја комбинираат професионалната новинарска работа со современи начини на комуникација ќе имаат најголеми шанси да ја задржат и да ја изградат идната публика. Потенцирам дека тоа не е важно само за медиумите, туку и за квалитетот на нашата демократија и за иднината на секој човек“, заклучува комуникологот Кордалов.