Епидемијата во Гостивар: Здравството смирува, Армијата останува на терен, а опозицијата бара одговорност

Објавено:

Епидемијата во Гостивар покажува знаци на смирување. Во последното деноноќие се пријавени 71 новозаболени, но според епидемиолошките анкети само мал дел од нив се поврзани со градскиот водовод, вели министерот за здравство Сашо Клековски.

„До формален крај би дошле кога веќе нема да има случаи поврзани со градскиот водовод. Ваквото подобрување е поради очистување на водата и нејзиното оспособување како техничка. До крајот на неделата се очекува водата да се користи и за пиење и готвење, односно кога сите чешми ќе бидат негативни,“ рече Клековски.

Ова следува откако Јавното обвинителство утврди дека три недели пумпи внесувале вода со 48 пати повеќе бактерии од дозволеното во гостиварскиот водовод, што е причина за тегобите по здравјето на граѓаните и поради што беше прогласена епидемија. Во меѓувреме Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани за употреба водата од градскиот водовод во Гостивар додека сите надлежни институции не завршат со проверките и со неопходните анализи, кои треба да ги утврдат точните причини за епидемијата.

Водата во Гостивар ќе може повторно да се користи за пиење кога ќе има три последователни негативни тестови од испитаните примероци.

Паралелно со здравствените мерки, Армијата останува ангажирана во Гостивар. Министерот за одбрана Владо Мисајловски при увид во касарната „Јане Сандански“ во Штип истакна дека во градот се обезбедува дополнителна техничка вода преку цистерни и опрема на Армијата.

„Во Гостивар ќе останеме како Армија, за давање дополнителна техничка вода. Нашите капацитети ги ставивме на располагање насекаде. И ќе бидеме постојано таму, иако веќе техничка вода има. Додека сме потребни таму ќе бидеме,“ нагласи Мисајловски, додавајќи дека нема лимит за времетраењето на ангажманот.

Опозициската СДСМ бара кривична одговорност за труењето на над 4.000 граѓани во Гостивар, како и за загадувањето во седум други населени места и две реки.

Портпаролката Богданка Кузеска на прес-конференција обвини дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ прикривала информации и доцна реагирала, со што го загрозила здравјето на граѓаните.

„Не можете да отруете цел град, а никој да не одговара. За ова мора да има и политичка и кривична одговорност,“ порача Кузеска, наведувајќи дека одговорност треба да понесат министерот за здравство, директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, директорите на надлежните центри за јавно здравје, како и сите службени лица кои знаеле за кризата, а не презеле мерки.

Според СДСМ, институциите задоцниле со реакцијата, ги криле податоците од јавноста и дозволиле ризик од жолтица и други заразни болести. „Граѓаните на Гостивар ја плаќаат цената затоа што наместо стручност, превенција и брза реакција, добија неспособност, прикривање информации и политички калкулации,“ рече Кузеска.