Ќе има засилен надзор за постакутната фаза од епидемијата во Гостивар со која ќе се следат заразните болести што може да се јават, најави министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција и информираше дека бројката на новопријавени случаи е 109 лица.
Ова следува откако Јавното обвинителство утврди дека три недели пумпи внесувале вода со 48 пати повеќе бактерии од дозволеното во гостиварскиот водовод, што е причина за тегобите по здравјето на граѓаните и поради што беше прогласена епидемија. Во меѓувреме Агенцијата за храна и ветеринарство ја забрани за употреба водата од градскиот водовод во Гостивар додека сите надлежни институции не завршат со проверките и со неопходните анализи, кои треба да ги утврдат точните причини за епидемијата.
- „Бројот на нови први контакти се движи од 80 до 125 во последните четири дена, со тоа што во овој момент не можеме да кажеме колку е тоа редовна состојба, колку е поврзана со епидемијата. За да го направиме тоа, мора да имаме епидемиолошки анкети“, кажа Клековски.
- Првите заболени со симптоми се јавиле на 14 јули.
Бројот на формални пријави во моментот е 869, од кои анкетирани се 602 лица. Клековски апелира да продолжи соработката со здравствените власти за да може да се следат состојбите.
Водата во Гостивар ќе може повторно да се користи за пиење кога ќе има три последователни негативни тестови од испитаните примероци.
- Клековски ги повика матичните лекари и здравствените институции во Гостивар фокусот да го стават на следните предизвици, пред сè, следење хепатитис А и Е, но и други заразни болести што може да се јават, како што вели, „на опашката на гостиварската епидемија“.
Шопова: Ако има симптоми за Хепатит А и Е, тогаш граѓаните да се тестираат
Болестите Хепатит А и Е засега не се причина за тревога кај жителите на Гостивар кои пиеле загадена вода. Ако во наредните 15 до 30 дена се појават карактеристични симптоми, дури тогаш ќе треба да се тестираат, рече инфектологот д-р Жаклина Шопова, супспецијалист за цревни инфекции, за Колегиум.мк.
Според неа, кај најголемиот број пациенти се забележува полесна клиничка слика, а симптомите најчесто се поврзани со акутни цревни инфекции предизвикани од вируси или бактерии.
„Развојот на симптомите е речиси идентичен кај различните можни причинители. Тоа можат да бидат вируси, бактерии, но и вируси кои го напаѓаат црниот дроб, како хепатит А и хепатит Е“, објаснува Шопова.
Најчестите симптоми кај заразените се повраќање, стомачни болки, мачнина и појава на течни столици. Кај некои пациенти може да има и покачена температура и губење течности, поради што најважна е надополнувањето вода и електролити.
За пациентите кои се лекуваат дома, препораката е да продолжат да користат исклучиво безбедна, флаширана вода и да избегнуваат користење на водата од водоводот сè додека надлежните институции не дадат официјална потврда дека е исправна.
Хепатит А и Е имаат подолг инкубациски период, односно симптомите не се појавуваат веднаш по заразувањето, поради што здравствените власти ги следат како можна последица од вакви епидемиолошки ситуации.
- СДСМ: Клековски сега признава појава на жолтица – токму она што Филипче го предупреди минатата недела
Од опозициската СДСМ велат дека никој од кадрите на ВМРО-ОКГ не контролирал ништо, па сега министерот за здравство признава жолтица.
„Токму она што проф. д-р Венко Филипче го кажа уште минатата недела – дека ќе се случи и дека тие не знаат да управуваат со криза. Јасно е дека човек како Клековски, без знаење и без стручност, не може да се носи со ваква ситуација. Прво ја доведоа до оваа точка. отоа ги криеја податоците и ја префрлаа одговорноста заради политички поени. Сега ќе доведат до сериозни последици за здравјето на жителите на Гостивар“, соопштија од СДСМ.
Клековски најави дека ќе се анализира и како реагирал системот во Гостивар.
Просечно во изминатите 10 години во Гостивар во јули имало по 25 извештаи за заразни болести.
- Директорката на јавното претпријатие „Комуналец“ од Гостивар и уште двајца раководители се во притвор поради случајот.



