Брза, темелна и независна истрага за загадувањето на водата за пиење во Гостивар, бара Блупринт групата за реформи во правосудството , оценувајќи дека случајот не е изолиран инцидент, туку сериозен показател за можни системски слабости и евентуални институционални пропусти.
Во реакцијата, Блупринт групата посочува дека случајот, кој резултираше со забрана за користење на водата од градскиот водовод, прогласување епидемија и кризна состојба, отвора сериозни прашања за тоа дали надлежните институции навремено постапувале и ги исполниле законските обврски за заштита на здравјето на граѓаните.
Според нив, неопходно е да се утврди дали надлежните органи имале или требало да имаат сознанија за потенцијалното загадување и ризиците по населението, но не презеле соодветни мерки. Доколку се утврди такво непостапување, тоа, како што наведуваат, не смее да се третира како обичен пропуст, туку како сериозно нарушување на законските обврски и јавниот интерес.
Блупринт групата бара Основното јавно обвинителство да спроведе брза, темелна и ефикасна истрага која нема да се ограничи само на утврдување кој ја поставил незаконската инсталација, туку ќе ја испита и евентуалната одговорност на институциите задолжени за мониторингот, инспекцискиот надзор, лабораториските анализи, начинот на земање примероци и контролата на квалитетот на водата.
Во реакцијата се наведува дека, според јавно достапните информации, се создава впечаток дека надлежните институции потфрлиле во исполнувањето на законските обврски, дозволувајќи епидемијата да се шири без навремени мерки за заштита на здравјето на граѓаните.
Организацијата укажува и на недоволната информираност на јавноста. Според нив, Владата и здравствените институции сѐ уште не дале јасни информации колку ќе траат ограничувањата за користење на водата, според кои критериуми ќе бидат укинати и кога може да се очекува нормализирање на состојбата.
Блупринт групата очекува институциите целосно и навремено да ја информираат јавноста за сите релевантни факти, а здравствените власти да излезат со јасни препораки за постапување на граѓаните во услови на прогласена епидемија и кризна состојба.
„Овој случај мора да резултира со јасно утврдена одговорност и конкретни системски мерки за спречување на вакви ситуации во иднина, бидејќи во спротивно ќе претставува уште еден пример за ненавремено преземање дејствија од страна на институциите“, се наведува во реакцијата.
Со реакција на социјалните мрежи се огласи и професорот Гордан Калајџиев, со тврдење дека најголемата вина за сите случувања од овој тип се по вина на политичарите.
„Се потврдува дека политичките партии се најголемиот душман на овој народ: некомпетентни кадри, корупција и несреќи! Сега пробуваат да се спасат со лисици и притвори на ситната боранија!“, напиша тој.


