Руската новинарка Дарја Шипачева (35) беше осудена во Москва на 12 години затвор и парична казна од 300.000 рубљи за наводно предавство.
Пресудата ја изрече судијата на Московскиот градски суд Сергеј Подопригоров.
Обвинителството бараше ваква казна за Шипачева, додека одбраната побара од судот да го земе предвид нејзиното признание на вина и соработката за време на истрагата. Судењето траеше само час и половина.
Не е познато точно за што е обвинета руската новинарка, бидејќи постапката се водеше зад затворени врати. Покрај затворската казна, судијата нареди и конфискација на околу 17.000 евра од Шипачева, што е вообичаена практика во кривичните случаи поврзани со финансирање на криминални активности.
Нејзина пријателка во изјава за медиумот „Медиазона“ спомена трансакција на пари, но рече дека не знае „дали станува збор за плаќање за украинската армија“.
Шипачева беше уапсена на 23 април 2025 година, во нејзиниот стан во Москва.
„Таа ноќ ми пиша дека некој се обидува да ѝ ја скрши вратата“, изјави нејзината пријателка.
Таа и останатите пријатели дознале од соседите дека група руски специјалци провалиле во станот на Шипачева, по што изгубиле секаков контакт со новинарката.
Дарја Шипачева се занимавала со научно и медицинско новинарство. Соработувала со бројни медиуми, вклучувајќи ги RBK, Lenta.ru, Takiye Della, Forbes, Wonderzine и Reminder.



