Дури 98% од онлајн коментарите насочени кон политичарите содржат елементи на омраза. Паралелно, друга анализа укажува и оти 80% од македонските граѓани не би го смениле политичкото убедување за пари односно би одбиле за паричен надомест да потпишат петиција што е спротивна на нивните политички убедувања.
Овие две поенти се само дел од наодите од двегодишното истражување во рамки на проектот ENCODE, што беа презентирани во Скопје во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС).
Покрај во Северна Македонија, ова истражување било спроведено во уште пет европски држави: Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Данска и Полска.
На прашањето дали би прифатиле паричен надомест за да потпишат петиција спротивна на нивните политички убедувања, резултатот за Македонија од 80% одбивање е еден од највисоките проценти и е над Италија (79%), Австрија (78%) и Данска (77%).
Во истражувањето за демократска отпорност учествувале над 4.500 испитаници, од кои 581 од Македонија, а анкетата била спроведена во октомври 2025 година односно пред локалните избори.
„Посебно значаен е наодот за тоа како граѓаните ги перципираат другите: македонските испитаници во просек процениле дека само 49% од нивните сограѓани би одбиле таква понуда, наспроти вистинските 80%. Ова покажува дека, испитаниците значително ги потценуваат демократските вредности на другите, иако самите тие ги бранат“, наведуваат од ИДСЦС.
Во паралелен експеримент за правото на глас, пак, се додава во соопштението, високи 78% од македонските испитаници одбиле да разгледаат парична компензација за воздржување од гласање на избори.
Спротивно на позитивните наоди за демократска отпорност, загрижувачки се резултатите за говорот на омраза на интернет. Имено, анализата на 120.000 објави и коментари на платформата X (поранешен Твитер) од Северна Македонија, спроведена од Родриго Ортега Изкиердо од PredictBy, открива дека дури 98% од коментарите насочени кон политичарите содржат елементи на омраза, а 82% содржат индикатори на гнев.
Интересна е и констатацијата од истражувањето дека омразата не се зголемува само за време на изборни кампањи, таа е постојано присутна во македонскиот онлајн политички простор во текот на целата година.
За разлика од омразата, другите емоции како ентузијазам, среќа и гнев, јасно се зголемуваат за време на изборните периоди.
Во сите шест земји кои биле дел од истражувањето, анализирани се вкупно 2,17 милиони објави на социјалните мрежи. Анализата, посочуваат од ИДСЦС, покажува дека страв и анксиозност генерираат најмногу реакции кај содржините на политичарите, додека конструктивните и позитивни пораки се покажале како најстабилен двигател на досег.


