Тројца грчки пожарникари загинале гаснејќи пожари на островот Крит и Пелопонез. Поради силните ветрови, пламените јазици се прошириле, а куќите во планинската област биле доведени во опасност.
Двајца пожарникари биле заробени додека се движеле помеѓу фронтовите на пожарот, а трет загинал во посебен пожар на Пелопонез.
Гаснењето на пожарите на грчките острови Крит и Лезбос, продолжува и утрово, а огнената стихија јужно од градот Ретимно на Крит и понатаму е вон контрола, јави МИА.
Силниот ветер, освен што брзо го проширил пожарот, утрово дополнително го отежнува гаснењето со оглед на тоа што ги спречува авионите да интервенираат од воздух.
Противпожарните сили биле дополнително засилени и мобилизирани со 224 пожарникари со 11 пешадиски тима, 53 возила, волонтери и цистерни од општините, а на располагање се и два хеликоптери. Во состојба на готовност во поширокиот регион се и седум возила на брзата помош, како и пловни средства на крајбрежната служба за евентуални евакуации по морски пат.
Вчера попладне пак, од крајбрежното туристичко место Агиос Павлос биле евакуирани вкупно 29 лица со чамци на крајбрежната служба, спасувачки брод и приватни чамци.
Паралелно со пожарот јужно од Ретимно, активни на Крит се пожари и во југоисточниот дел на островот и на островот Лезбос, каде гаснењето продолжува.
Во меѓувреме, четири лица, меѓу кои и градоначалникот и неговиот заменик биле уапсени за пожарот на грчкиот остров Парос, што во вторникот избувна во депонија и брзо се прошири на голема површина, а беше изгаснат по над 24 часа. Освен градоначалникот и неговиот заменик, кој е надлежен за комунална хигиена на островот, уапсени се и изведувачот на работите на претпријатието за управување со отпад, како и општински службеник, возач на камион за собирање отпад.



