Околу 220.000 луѓе се евакуирани од Франција и уште 100.000 од Шпанија поради пожарите

Објавено:

Пожарникарите се обидуваат да ги искористат поповолните временски услови за да ги смират масовните пожари што се закануваат на францускиот град и туристичкиот регион Бордо и голем број места во соседна Шпанија, бидејќи се очекува уште еден топлотен бран да ги погоди двете земји подоцна оваа недела во она што беше жешко и суво лето низ Западна Европа. Властите евакуираа околу 220.000 луѓе, вклучувајќи туристи и локални жители, во Франција, додека подалеку на југ во Шпанија на околу 100.000 им е кажано да ги напуштат своите домови или да побараат засолниште, јави Ројтерс.

Во Бордо, францускиот претседател Емануел Макрон им се заблагодари на пожарникарите за нивната напорна работа, предупредувајќи дека наредните недели ќе останат тешки.

„Мора да издржиме. Ќе ја добиеме оваа битка заедно. Целата нација е зад вас“, рече Макрон.

Францускиот премиер Себастијан Лекорну рече дека Франција поминува низ сезона на пожари без преседан, при што изгорената површина веќе ја надмина претходната рекордна 2022 година.

„Борбата против пожарите започнува со превенција. Девет од 10 пожари се предизвикани од човекот и повеќето произлегуваат од невнимание: опушок од цигара, скара, работа извршена без претпазливост“, напиша Лекорну на мрежата Икс.

Пожарникарите се соочија со особено опасна ситуација во Вал д’Уиксо, во источната покраина Кастелон, каде што земјата содржи стара муниција од Шпанската граѓанска војна која експлодира кога пламените ќе стигнат до областа, изјави Шеви Болумар, шеф на противпожарната служба на регионалната влада на Валенсија, за јавниот радиодифузен сервис ТВЕ.

Француските пожари, кои избувнаа минатата недела во близина на атлантскиот брег, беа само 15 километри од влезните точки до главната метрополитенска област Бордо. Осумдесет пожарникари беа повредени справувајќи се со пожарот, според локалните власти.

Ширењето на големите пожари што се приближуваат кон централна Шпанија забави ноќта, соопштија властите, но пожарот во покраината Кастелон беше надвор од контрола бидејќи метеоролошката агенција предупреди на уште еден потенцијален топлотен бран оваа недела.

„Она што го доживуваме не е низа изолирани настани. Тоа е најболниот израз на климатска вонредна состојба што ги прави пожарите од шеста генерација пожестоки, топлотните бранови почести, а нашата територија поранлива“, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез.

Во централна Шпанија, три одделни фронтови останаа активни: во планините северозападно од Мадрид, во провинциите Мадрид, Толедо и vo Авила. Оној во Авила е класифициран како најголемиот шумски пожар во поновата шпанска историја.

Авиони од Турција, Италија и Грција, како и португалски тим за интервенција во пожарите, се приклучуваат на напорите за гаснење пожари во Шпанија.

Швајцарија ја поддржува Франција со испраќање два хеликоптери „Супер Пума“ и нивните екипажи по барање од Париз.