Комитетот при УНЕСКО денеска повторно расправа за нацрт-одлуката со која се предлага Охридскиот Регион да биде прогласен за светско наследство во опасност. Дивоградбите, урбанизацијата и рутата за Коридорот 8 се меѓу клучните проблеми што го загрозуваат статусот на културно наследство кој беше добиен уште во 1979 година.
Охридскиот Регион повторно е исправен пред клучна одлука – ќе биде ли впишан на листата на УНЕСКО на светско наследство во опасност?
Статусот на светско наследство регионот го има 1979 година беше впишан на оваа листа на УНЕСКО. По речиси половина век откако ова тело на Обединетите Нации ја препозна исклучителната вредност на едно од најстарите езера во Европа, старо милиони години, неговиот статус е загрозен.
Со нацрт-одлуката се предлага Охридскиот Регион, за кој одговорноста македонската страна ја дели со Албанија, да биде прогласен за наследство во опасност и за неа се очекува денеска (23 јули) да расправа Комитетот за светско наследство на УНЕСКО.
Ова доаѓа по години предупредувања дека Охридскиот Регион се соочува со сериозни закани како што се дивоградбите, неконтролираната урбанизација и слабиот плански надзор.
Пред ставање на листата на наследство во опасност, регионот се најде и лани, но тогаш македонската држава успеа да го одложи ваквиот чекор и да добие уште една година за исполнување на препораките од УНЕСКО.
Тоа значеше дека властите во Северна Македонија и во Албанија требаше да покажат реален напредок до 1 февруари 2026 година во заштита на природното и културното наследство на Охридскиот регион.
Во февруари делегација од земјава беше во посета на седиштето на УНЕСКО во Париз, а пред неполн месец амбасадори и претставници на Комитетот за светско наследство одржаа низа средби и во Македонија.
Да се најде алтернативна рута за Коридорот 8

Во нацрт-одлуката се посочува оти се зема предвид направениот напредок како што се законодавните иницијативи во Македонија, подготовката на корективни мерки во Албанија, како и мерките за управувањето со отпад и вода, но и со управувањето со рибарството од македонска страна.
Сепак, Комитетот изразува најголема загриженост дека целокупниот напредок во справувањето со деградацијата на Охридскиот Регион е само ограничен и затоа бара двете држави да ги спроведат преостанатите препораки што ги даде УНЕСКО уште во 2017, потоа 2020 и 2024.
А, еден од спорните моменти е и изградбата на Коридорот 8, па затоа се бара алтернативна рута.
„Комитетот за светско наследство ги повикува државите-странки дополнително да го зајакнат прекуграничниот дијалог и координација на високо институционално и оперативно ниво, вклучително и во однос на разгледувањето на алтернативни опции за рутирање за Коридор 8“, пишува во нацрт-одлуката.
Исто така, се искажува загриженост бидејќи континуирано се одложува подготовката на студија за тоа дали е изводлива алтернативна рута и за железничкиот коридор и кое е нејзиното потенцијално влијание врз статусот на овој регион. Комитетот ги предупредува македонската и албанската страна пред да донесат каква било одлука поврзана со ова, од која враќањето ќе биде тешко, да ги достават на увид одлуките односно проектите.
Комитетот со нацрт-одлуката го поздравува тоа што е формирано координативно тело од македонска страна додека истовремено го повторува барањето до Албанија да го подобри статусот на Стратешкиот план за закрепнување на регионот.
Македонија да се справи со дивоградбите, да донесе урбанистички планови за Охрид и Струга

Во една од точните се изразува и жалење затоа што нема напредок во подготовката на сеопфатна стратешка проценка на животната средина со цел да се процени какво влијание ќе имаат сите инфраструктурни и развојни планови. Затоа, се бара двете страни да го направат овој чекор и да го достават на увид.
Конкретно за Македонија се нагласува дека треба да ја забрза проценката на влијание од дивоградбите врз основа на јасни критериуми и да спроведе корективни мерки, вклучително и нивно отстранување каде што тоа е соодветно.
Понатаму, да не прави измени на детални урбанистички планови и локални развојни планови надвор од населените места се додека не се направи стратешка проценка за животната средина која ќе покаже дека нема негативно влијание.
„Северна Македонија итно да ја унапреди подготовката на генералните урбанистички планови за Охрид и Струга, како и инструментите за просторно планирање за неизградени области, обезбедувајќи целосно усогласување со Извонредната универзална вредност на регионот, паралелно со сеопфатната стратешка проценка за животната средина и земајќи ги предвид нејзините наоди“, пишува во нацрт-одлуката.
На крајот од документот се бара од македонската и албанската страна во консултација со Центарот за светско наследство и советодавните тела да развијат план за зачувување на регионот и негово отстранување од листата на светско наследство во опасност. Македонија и Албанија, исто така, според нацрт-одлуката, треба да донесат единствен сет на заеднички корективни мерки со јасни рокови и врз основа на препораките од претходно. За истото имаат рок да го направат до следната седница на Комитетот за светско наследство што треба да се одржи во 2027 година.
До 1 февруари идната година, треба да достават и нов извештај за состојбата што исто така ќе биде разгледан на следната седница на Комитетот.
Активистите предупредуваа, политичарите се препукуваа
Активистите за заштита на Охридскиот Регион, како што е иницијативата „Охрид SOS“ изминатиов период предупредуваа дека не се исполнуваат препораките од УНЕСКО и има сериозни пропусти во постапувањето на надлежните институции.
Власта и опозицијата, пак, меѓусебно се обвинуваа. Кога беше објавена нацрт-одлуката, од СДСМ го обвинија градоначалникот Кирил Пецаков и централната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ дека директно го довеле Охрид пред впишување на Листата на светско наследство во опасност.
„Откако Пецаков е градоначалник, стопирано е дури и рушењето на дивоизградените платформи по плажите. Локалната власт свесно ги штити овие објекти кои нелегално го узурпираат охридското крајбрежје“, реагираа социјалдемократите.
Од Општина Охрид, пак, им возвратија дека „како да не било вчера кога министерот за транспорт од редовите на СДСМ намерно ги криеше во фиока плановите за узурпирање на крајбрежјето“. Според власта на ВМРО-ДПМНЕ, социјалдемократите се тие што го довеле Охрид на раб на бездна, додека тие како власт го бранат со конкретни дела на терен наместо со партиски соопштенија.


