За неполни два месеци откако беше разрешен од вицепремиер за добро владеење, Арбен Фетаи, доби нова улога – назначен е за специјален пратеник на земјава за Европската Унија, со седиште во Брисел.
Веста ја сподели самиот Фетаи на социјалните мрежи наведувајќи дека Владата го назначила на оваа функција на седница одржана во вторникот, 28 јули.
„Ова е голема чест, но несомнено уште поголема одговорност. Задачата што ми е доверена е да се ангажирам во унапредувањето на процесот на европска интеграција на нашата земја, преку зајакнување на политичката поддршка во институциите и земјите-членки на ЕУ, придонесувајќи за надминување на политичките и дипломатските предизвици, како и правејќи го гласот на Северна Македонија посилен и поприсутен во Брисел и во европските престолнини“, пишува Фетаи во објава на Фејсбук.
Фетаи, како кадар на ВЛЕН, со изборот на Владата предводена од Христијан Мицкоски во јуни 2024 година, стана вицепремиер за добро владеење.
Неговата нова улога во Брисел, значи враќање во градот каде претходно живееше и работеше и од каде што пред две години се пресели во Скопје за да биде вицепремиер.
„По долга кариера во Брисел и со искуството стекнато во Владата на Република Северна Македонија, каде што ја докажав мојата посветеност на европската перспектива на земјата, ја преземам оваа задача со целосно убедување дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ“, вели Фетаи во објавата.
Фетаи беше разрешен од вицепремиер на 10 јуни. Разрешувањето дојде откако претходно, како што јавно потврдија и неколку владини функционери, извесен период тој не одел на работа и отсуствувал од владините седници. Додека неговото отсуство стануваше политичка тема во јавноста, тој на социјалните мрежи објави фотографија од него во Тајланд. Последните објави и соопштенија на социјалните мрежи за негови активности како владин функционер му датираа од крајот на февруари.
Неговото отсуство потоа го потврди и премиерот Христијан Мицкоски кој кажа оти самиот Фетаи му рекол дека повеќе се гледа во овој владин состав. Сепак, премиерот уште тогаш најави дека планира да го испрати како специјален пратеник во Брисел.



