Ревизија на ФЗО: Слабости во контролите, лекувањето во странство и финансирањето

Објавено:

Недоследности во ефикасноста на следење на лекувањето во странство, во начинот на финансирање/купување на услугите од јавните здравствени установи и ажурирање на референтните цени за здравствените услуги, како и во ажурирање на Листата на лекови што паѓаат на товар на Фондот. Овие се дел од забелешките за работењето на Фондот за здравствено осигурување, на кои укажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.

Ревизорите утврдиле дека ненавремената уплата на средства по основ на придонеси од надлежните институции влијае врз ликвидноста на Фондот, со што е отежнато навременото сервисирање на обврските на здравствените установи, во рамки на договорените надоместоци.

„Имено, заклучно со февруари 2026 година, неплатениот придонес од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување изнесува 8.415.865 илјади денари (приближно 137 милиони евра), при што постојано се зголемува разликата помеѓу планираните средства и нивната реализација“, пишува во извештајот на ДЗР.

Понатаму, утврдени се слабости и во контролите кои ги спроведува Фондот врз вршењето и фактурирањето на здравствените услуги од страна на здравствените установи.

„Нецелосната поврзаност на информацискиот систем на Фондот со системот Мој Термин и нецелосната информатичка поддршка на процесот на следење, пресметување и исплата на надоместоците на избраните лекари, како и недоволната координација помеѓу организационите единици, отсуството на планирање на контролите врз основа на анализа на ризик и недоволниот број на лекари-контролори го ограничуваат обемот и ефикасноста на контролите и не обезбедуваат целосна потврда за реално извршените здравствени услуги“, се наведува во документот.

Во областа на јавните набавки, утврдени се слабости во планирањето и спроведувањето на ИТ набавките. Кај 17 од 20 ревидирани постапки била доставена само една понуда, при што ревизијата укажува дека дел од условите и техничките барања не биле целосно сразмерни со предметот на набавката, што влијаело врз конкуренцијата.

Во делот на лекувањето во странство утврдени се слабости во почитувањето назаконските рокови за одлучување, следењето на постапките и евалуацијата на успешноста на лекувањето.

„Недоволно се воспоставени и контролите во процесот на евидентирање и затворање на авансно исплатените средства кон странските здравствени установи, чиј износ континуирано се зголемува во изминатиот период. Имено, приближно половина од вкупниот износ на авансите се однесува на период од 2014 до 2023 година за кои не се добиени конечни фактури или не е извршен поврат на средствата“, истакнуваат ревизорите.

Ревизорите апелираат дека постојниот модел на финансирање на јавните здравствени установи не обезбедува целосна примена на
принципот на плаќање според извршените здравствени услуги. Тоа значи дека Фондот, наместо да ги надоместува реално извршените здравствени услуги, има законска обврска да обезбеди средства за целосно функционирање на сите јавни здравствени
установи, при што поголемиот дел од нив имаат реализирано значајно помал обем на услуги, во однос на договорениот надоместок.

Ревизорите истакнуваат дека и покрај преземените активности за спроведување на дадените препораки од претходните ревизии и понатаму постојат слабости и потребни се системски подобрувања.

Но, се почесто извештаите на ДЗР, чија основна функција е да врши ревизија на користењето на народните пари и да обезбеди транспарентност во работењето на институциите најчесто завршуваат само како новинарски текстови. Искуството покажува дека ретко кој од предметите на Јавното обвинителство поврзани со ревизорските извештаи завршило со истрага или судска одлука.