Немало целосна евиденција за приемот и потрошувачката на медицински материјали, приемот и потрошувачката на вакцини воопшто не биле евидентирани во деловните книги, а слабости се забележани и во управувањето со залихите, чија вредност на крајот од 2024 година изнесувала 39,3 милиони денари. Ова се само дел од неправилностите кои ги констатирал Државниот завод за ревизија во финансиските извештаи на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) за 2024 година.
Покрај ова, ревизорите наведуваат дека Институтот немал пишани процедури за прием, издавање, потрошувачка и евидентирање на медицински и немедицински материјали, а работењето во оваа област се одвивало според воспоставена практика.
„Не била водена ажурна евиденција за приемот на материјалите во моментот на нивната испорака. Наместо тоа, стоките биле евидентирани дури по доставување на фактурите. Во текот на 2024 година бил евидентиран прием на стоки по фактури од 2023 година во вредност од 1,15 милиони денари, додека на почетокот на 2025 година бил евидентиран дополнителен прием од 1,64 милиони денари по фактури од претходната година“, се вели во извештајот на ДЗР.
Забележана е и разлика меѓу материјалната и финансиската евиденција. Не била воспоставена целосна евиденција за приемот и потрошувачката на медицински материјали, ниту било извршено усогласување меѓу сметководствената и материјалната евиденција со физичкиот попис.
Како пример за ова се посочува управувањето со вакцините. Иако Министерството за здравство ги набавува вакцините за задолжителна имунизација, тие во Институтот се примаат само со податоци за количината, без податоци за нивната вредност.
„Примените и потрошените вакцини се евидентираат во системот „Мој термин“, но не и во деловните книги на Институтот, поради што не е воспоставена целосна сметководствена и материјална евиденција за овие залихи“, пишува во извештајот.
Покрај финансиските слабости, ревизорите утврдиле дека дел од активностите предвидени со Националната годишна програма за јавно здравје за 2024 година, не биле реализирани целосно. Констатирани биле и неправилности поврзани со ангажирањето лица со договор на дело, како и недоследности при издавањето под закуп на простор со кој располага Институтот.


