Низа сериозни неправилности, меѓу кои онколошко одделение што работело без соодветна дозвола, се вршеле хемотерапии и се рекламирало и на веб-страницата, утврдила Националната управа за транспарентност на Грција (ЕАД) во приватна клиника во Солун.
Дополнително, не постоел договор за работа со лекарите, клиниката немала доволен број медицински сестри и стручен кадар, а немала ни функционална единица за интензивна нега, иако според законските прописи била задолжителна, јави МИА.
По поднесена пријава, од Националната управа за транспарентност биле спроведени и соодветните проверки вклучени во извештајот.
ЕАД соопшти дека во важечката дозвола за работа на клиниката не било вклучено онколошко одделение, кое било целосно опремено, работел само еден лекар – пулмолог со специјализација во областа на пулмоналната онкологија, кој имал своја канцеларија, но не и договор за работа, а на официјалната веб-страница постоел информативен материјал (видео) на кое се гледа дека онколошкото одделение располага со потребната опрема, иако било без потребната законска дозвола.
Приватниот лекар, пулмолог со специјализација во пулмонална онкологија, под чиј надзор незаконски функционирало онколошкото одделение, од 2022 година, од ординацијата во клиниката, им препишувал лекови за хемотерапија на неговите пациенти, а потоа во „Онколошкото одделение“ на клиниката ја вршел терапијата, додека подготовката ја вршела персоналот на клиниката, соопштија од ЕАД.
Инспектори изразиле сомнеж дека хемотерапија била давана и на пациенти без канцер, според грчки медиуми.
„Примерок од пациентите на горенаведениот лекар беа примени во клиниката по упатство на друг лекар на клиниката за неколкудневна хоспитализација, со дијагнози кои не се однесуваа на никаква форма на малигнитет, додека за време на нивната хоспитализација беа администрирани специфични хемотерапевтски лекови. Горенаведеното претставува индикација дека можеби се доставени неточни информации до ЕОПИЈ за надомест на хоспитализациите на клиниката“, пренесе грчкиот портал „Прототхема“.
Националната управа за транспарентност на Грција соопшти дека постојат сознанија дека до Грчката Национална организација за обезбедување здравствени услуги биле доставени неточни податоци за овие пациенти со цел државата да ѝ ги надомести на клиниката трошоците за нивно лекување.
Според ЕАД, лекарот сноси одговорност за незаконското функционирање на онколошкото одделение во клиниката, бидејќи, покрај тоа што одделението не било предвидено во дозволата за работа на клиниката, „обезбедувањето здравствени услуги во простор без соодветна дозвола е спротивно на неговата стручна и етичка одговорност како лекар“, а паралелно немал ни писмен договор за работа со клиниката.
Комисијата за контрола на приватните клиники на надлежната периферија во 2025 година спровела вонредна проверка на работењето на клиниката и утврдила дека клиниката немала доволен број медицински сестри и друг неопходен медицински персонал за нејзино безбедно функционирање и предложила одземање на потврдата за работа поради недоволен број вработени. На почетокот на годината, комисијата предложила и трајно прекинување на работата на клиниката и одземање на дозволата, но не биле утврдени и комисијата не ги навела во својот извештај фактите што произлегле од контролата на ЕАД, што се однесуваат на онколошкото одделение.
Сепак и покрај оваа препорака за трајно прекинување на работата на клиниката, Дирекцијата за јавно здравје и социјална грижа, како надлежен орган, не го сторила тоа.
По откриените недостатоци и неправилности во приватната клиника, од Националната управа за транспарентност на Грција, предлагаат и препорачуваат целосно затворање на клиниката и одземање на дозволата за работа, но и изрекување на административни санкции.
Конкретниот извештај бил доставен до надлежниот обвинител за евентуална кривична одговорност, до Националната организација за обезбедување здравствени услуги, за преземање на евентуални дејствија во врска со точноста на доставените податоци, како и до надлежната лекарска комора, за испитување на евентуална дисциплинска одговорност.
Според грчките медиуми, се очекува во текот на денешниот ден клиниката да биде затворена.
Контролите се интензивираа откако на 9 септември почина познатиот грчки пејач Јоргос Мазонакис, од срцев удар, за време на медицинската процедура плазмафереза во ординација која била регистрирана обична приватна ординација по интерна медицина, но без дозвола вршела и терапии со матични клетки и сепарација на крвна плазма. За неговата смрт беа притворени двајца лекари, брачен пар сопственици на ординацијата.
По смртта на Мазонакис, грчкиот министер за здравство, Адонис Георгиадис, изјави дека Министерството немало речиси никаква регулаторна моќ над приватните ординации од 2019 година. Поради тоа, најави законски измени за проширување на овластувањата за контрола на државните инспекторати врз приватните клиники, формирање специјални комисии за контрола на велнес-центрите, а Обвинителството отвори истрага за одговорноста на самата Лекарска комора на Грција.


