Одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев, тврди дека не може да се утврди индивидуална одговорност за лекувањето на пациентите, бидејќи во терапевтскиот процес често учествувале повеќе лекари.
На денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје, техничкиот советник на Васев, доктор Владимир Даниловски, посочи дека во лекувањето на одделни пациенти биле вклучени од три до шест, а во некои случаи и до осум медицински лица.
Одговарајќи на прашања на одбраната, Даниловски оцени дека при изработката на вештачењето не била земена предвид целокупната медицинска документација за дел од пациентите. Како пример наведе пациент за кого биле достапни 165 документи поврзани со терапијата, додека на вештото лице на Обвинителството, доктор Маја Радник од Словенија, ѝ биле доставени 60.
За друг пациент, според Даниловски, не била доставена документацијата за целиот 11-годишен период на лекување, туку само за последните неколку месеци.
Тој посочи и дека дел од пациентите најпрво биле лекувани од Мери Пешевска, која во предметот призна вина и беше осудена на две години условна казна затвор. Други пациенти, пак, биле лекувани од повеќе онколози или надвор од Клиниката за онкологија.
Според Даниловски, лекувањето на пациентите не може да се анализира изолирано само преку постапките на еден лекар.
„Не е докажана директна причинско-последична врска меѓу конкретното медицинско постапување на доктор Никола Васев и применетата терапија и исходот кај пациентите“, посочи тој во своето излагање.
Во однос на конкретна пациентка, Даниловски потврди дека Васев дал една од терапиите што вештото лице ја означило како спорна, но нагласи дека терапијата подоцна била продолжена од друг онколог.
Одбраната наведува дека од 31 пациент чие лекување му се става на товар на Васев, тој учествувал во лекувањето на шест. Во нивното лекување, според презентираните податоци, учествувале 28 од вкупно 35 лекари на Клиниката.
Адвокатот Боби Спирковски изјави дека Мери Пешевска учествувала во лекувањето на 22 од пациентите и најави дека таа ќе биде повикана како сведок во постапката.
На почетокот на рочиштето судот ги прифати и вештачењата изработени од доктор Марија Здравевска, чие испитување било предложено од одбраната на Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски.
Во случајот Онкологија, поранешниот директор на Клиниката за онкологија Нино Васев и онколозите Симонида Црвенковска и Драган Јакимовски се обвинети за несовесно лекување пациенти.
Постапката првично се водеше и против онкологот Мери Пешевска, која призна вина и беше осудена на условна казна од две години.
Обвинението ги товари лекарите за продолжени тешки дела против здравјето на луѓето и несовесно лекување, при што, според обвинителниот акт, кај 47 пациенти биле применувани неподобни терапии, со отстапувања во дозирањето и без соодветна процена на нивната здравствена состојба.


