Онколошки пациенти на протест за недостигот на лекови, Клиниката тврди дека има терапија

Објавено:

Со симболичен протест дел од онколошките пациенти за денеска најавија протест пред Министерството за здравство за да го искажат револтот од недостигот на лекови на Клиниката за онкологија.

Според најавите, на протестот ќе присуствуваат само неколку пациенти поради високи температури.

Додека тие и јавно реагираа дека недостигаат лекови за нивните терапии што им носи неизвесност и стрес, здравствените власти ја смируваат состојбата.

Од Клиниката за онкологија преку објава на социјалните мрежи признаваат дека кај мал дел од препаратите од позитивната листа на лекови имало краткотрајно доцнење во испораката поради „објективни околности“ како зголемената потрошувачка, зголемениот број пациенти, периодот меѓу две јавни набавки, како и делумниот недостиг кај дистрибутерите.

„Со навремена институционална координација и во соработка со сите надлежни чинители, најголемиот дел од потребните препарати веќе се обезбедени и доставени на Клиниката, додека преостанатите количини се очекува да бидат достапни во текот на оваа недела. Притоа, особено нагласуваме дека во ниту еден момент не беше доведен во прашање континуитетот на лекувањето, ниту квалитетот на здравствената грижа што им се обезбедува на пациентите“, велат од Клиниката за онкологија.

Недостигот на терапии е чест проблем на кој реагираа пациентите на Онкологија.