Серискиот убиец од Старо Нагоричане призна три убиства на жени, обвинет е за четири

Објавено:

Во конфузен исказ во Основниот суд Куманово, Трајче Бојковски од општина Старо Нагоричане призна три убиства на жени во повеќе села во тој регион, што, според Обвинителството, ги извршил од јануари 2025 до февруари 2026 година.

Обвинителството го товари за уште едно, четврто убиство и за два обиди за убиство поради полови страсти кон мртви женски тела.

За убиството на Станче Каревска во село Клечовце во јануари 2025 година, Бојковски прво одговри потврдно, а потоа негираше дека ја ја лишил од живот и тврдел дека воопшто не бил во Клечовце и дека не знае за настанот.

За Јанка Антевска од Драгоманце, на прашањето дали е точно дека бил кај неа во периодот од 5 до 7 јуни 2025 година, одговори потврдно и рече дека се кае. Бојковски потврди и дека на 22 јули 2025 година бил кај Слободка Арсовска во Челопек, но рекол дека отишол поради пари. Според неговото објаснување, откако слушнал дека кучето лае, се исплашил и избегал, без да земе пари од Арсовска.

За Марија Маринковска од Старо Нагоричане, за која обвинението го товари дека ја убил во периодот меѓу 17 и 18 јануари 2026 година, Бојковски одговорил потврдно и рече дека се кае.

За Мира Станковска од Челопек, обвинетиот најпрво негираше дека ја убил, но по дополнителни прашања, поврзани и со биолошките траги пронајдени под ноктите, за кои било посочено дека се идентични со неговите, тој одговори потврдно и речедека се кае.

Бојковски потврди и дека на 9 февруари 2026 година бил кај Росанда Трајковска во Челопек. Кажал дека отишол поради пари, дека ги зел парите и се обидел да ја задави. И за овој настан рече дека се кае. Во продолжение, обвинителот го соочи Бојковски со неговиот исказ даден на 8 мај 2026 година во обвинителството, во присуство на тогашниот негов адвокат Драган Трајковиќ. На судењето тој го препозна својто потпис. Според обвинителот, Љубомир Лапе, обвинетиот тогаш детално зборувал за жените опфатени со обвинението и потврдил дека четири жени ги убил заради односи (секс, како што кажа на рочиштето). Денеска, пак, на прашањето колку жени убил заради секс, одговори три.

На денешната главна расправа во кумановскиот суд, Обвинителството и одбраната го испитуваа вештото лице, психијатарот проф. д-р Стојан Бајрактаров за здравствената состојба на обвинетиот, способноста да ја следи постапката и ризикот да ги повтори кривичните дела.

Бранителот на обвинетиот, кој му е доделен по службена должност, Тони Петковски побара, а судот оди да му биде доделен логопед, преведувач или друго стручно лице за да може да биде сослушан поради неговите тешкотии во говорот.

Вештакот кажа дека не му е потребен ниту логопед, ниту какво било друго стручно лице. Тој кажа дека кратките одговори на обвинетиот се должат на неговто образование и ограничениот фонд на зборови, а не на неможност да го разбере македонскиот јазик. Вештакот посочи дека може да воспостави комуникација, кај него нема душевна болест или состојба за психијатриски третман и дека обвинетиот треба да биде упатен во казнена институција.

Психијатарот оцени дека при извршувањето на делата за кои Бојковски е обвинет не биле утврдени елементи поврзани со неговата здравствена состојба кои би влијаеле врз неговата пресметливост. Според вештиот наод, обвинетиот бил пресметлив.

Обвинителот Лапе во изјава за медиумите, кажа дека обвинетиот и самиот не знаел кое убиство го негира.

„На моите вкрстени прашања одговори потврдно, но анализа на ваквата одбрана ќе дадам во завршните зборови, со оглед дека кај јавниот обвинител ги призна кривичните дела. Има и други материјални докази со кои се поткрепува обвинението“, изјави Лапе.

25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане е обвинет дека е првиот сериски убиец во Македонија со елементи на фемицид.  Мета му биле главно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами, тврди Обвинителството.