25-годишниот Трајче Бојковски од Старо Нагоричане, обвинет дека е првиот сериски убиец во Македонија со елементи на фемицид, денеска (9 јули) седна на обвинителна клупа во Основниот суд во Куманово.
Тој е обвинет за четири убиства и два обида за убиство на жени. На стартот на судењето, тој негираше вина додека неговиот адвокат го откажа полномошното.
Јавниот обвинител Љубомир Лапе, пак, во воведниот збор порача оти ќе докаже дека доминантен мотив за серијата убиства на обвинетиот била некрофилијата.
„Доказната целина ќе утврди дека обвинетиот со намера да ги задоволи своите страсти спрема мртви тела искористувајќи ги околностите кои од претходно биле познати дека жртвите биле сами, немоќни, стари и заспани влегувал во куќите физички ги напаѓал, ги удирал, ги давел, и откако ќе ги усмртил со својот полов орган извршувал пенетрацијата на покојните жртви“, рече обвинителот.
Обвинетиот не комуницираше со судот, само гледаше во плафонот од судницата во кумановскиот суд, не одговараше на прашања, па судијата Мирсад Суроји мораше да даде пауза.
Во текот на рочиштето, адвокатот што го застапуваше Бојковски го откажа своето полномошно, па судот ја одложи главната расправа најавувајќи дека обвинетиот ќе добие бранител по службена должност.
Обвинението за овој случај, што обвинителството го нарече и прво сериско убиство со елементи на фемицид, беше поднесено на 19 јуни.
Убиствата и обидите за убиства што му се ставаат на товар на обвинетиот, според истрагата, биле направени во периодот од јануари 2025 до февруари 2026. Мета му биле претежно повозрасни и немоќни жени кои живееле сами.
Следното рочиште е закажано за 31 август. Обвинетиот се наоѓа во притвор.


