Обвинение за серискиот убиец од Старо Нагоричане – убил четири жени поради полови страсти кон мртви женски тела

Објавено:

Основното јавно обвинителство – Куманово денеска поднесе обвинение против 25-годишен жител на Старо Нагоричане осомничен дека извршил четири убиства и два обиди за убиство. Согласно извршените вештачења во текот на истрагата делата ги вршел од други ниски побуди, односно со намера да ги задоволува своите полови страсти спрема мртви женски тела, соопшти Обвинителството.

Според делата, му се заканува казна затвор од најмалку 10 години до доживотен затвор.

Обвинителството соопшти ноќта помеѓу 5 и 6 јануари 2025 во село Клечовце со умисла лишил од живот повозрасна и немоќна жена. Влегол во нејзината куќа и додека таа била заспана на креветот физички ја нападнал и насилно почнал да ја задушува. Од бројните скршеници и повреди поради кои не можела да дише, жената починала.

Во точно неутврден временски период помеѓу 5 и 7 јуни 2025 година во село Драгоманце, на сличен начин со умисла лишил од живот уште една жена.

Третиот настан е евидентиран на 22 јули 2025 година во село Челопек, каде се обидел да убие жена која успеала да го заплаши така што викнала по нејзиниот син, па обвинетиот избегал.

Во вечерните часови помеѓу 17 и 18 јануари 2026 година во село Старо Нагоричане, обвинетиот со умисла убил жена која била помлада по возраст, но за која исто така знаел дека е сама. Начинот на извршување на делото бил сличен како кај претходните жртви.

Следниот месец, во селото Челопек, обвинетиот лишил од живот уште една повозрасна и немоќна жртва.

Последниот евидентиран настан е на 9 февруари годинава во село Челопек, каде со умисла се обидел да лиши од живот уште една жена, но се исплашил од звук што го слушнал и побегнал пред да ја реализира намерата.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави и предлог за продолжување на притворот за обвинетиот.

Според досега објавените информации од обвинителството и полицијата, обвинетиот е идентификуван со иницијали Т.Б., 25-годишен жител на селото Малотино во општина Старо Нагоричане и се води како прв сериски убиец на жени во Македонија.