Серискиот убиец од Старо Нагоричане осомничен за уште 2 убиства и 2 обиди за убиство

Објавено:

Во истрагата за осомничениот убиец од Старо Нагоричане, кој според Обвинителството се води како прв сериски убиец на жени во Македонија, се откриени уште четири нови кривични дела – две убиства и два обиди за убиство“, информираше денеска обвинителот Љубомир Лапе.

Тој посочи дека случајот има елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и нападите биле мотивирани од нивниот пол.

„Се работи за прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид, бидејќи сите жртви биле жени и биле нападнати токму поради нивниот пол“, рече обвинителот Лапе.

Според досега објавените информации од обвинителството и полицијата, осомничениот е идентификуван со иницијали Т.Б., 25-годишен жител на селото Малотино во општина Старо Нагоричане, пренесе МИА.

Во април годинава, обвинителот Лапе излезе со информација за истрагата и доказите што до тогаш биле собрани за два случаи на убиство.

„Во моментов Јавното обвинителство и понатаму постапува во насока на откривање и докажување на кривичните дела. Се чекаат резултати како од наредените ексхумации, обдукции така и од нареденото психијатриско вештачење, но и други друг вид докази коишто се во однос на издадени наредби за локација на базни станици на телефони. Исто така има и други наредби за вештачење и сметаме дека кога ќе ги прибавиме сите докази по издадените наредби ќе бидеме во можност да имаме појасна слика, досега што е расчистено и доколку оцениме дека има потреба да се расчистуваат уште некои настани“, изјави обвинителот Лапе во април годинава.

Осомничениот е сместен во казнено-поправната установа Куманово (К’шање).