Во периодот од 2020 до 2024 година не биле воспоставени ефективни политики и мерки за зајакнување на улогата на жените на лидерски позиции и на раководни функции во органите на централната власт, утврди Државниот завод за ревизија (ДЗР).
„Иако жените претставуваат 57,5 отсто од вкупно 110.885 вработени во јавниот сектор, на раководни позиции најчесто се именувани мажи“, констатираат од ДЗР по извршената ревизија на успешност на тема „Жени лидери – жени во политиката, Собранието, на раководни функции во органите на централна власт“.
Извршената анализа покажува дека законски задолжителната квота има ефект врз учеството на жените во Собранието. Во периодот 2007 – 2024 година учеството на жените пратенички се движи од 30 отсто до 43 отсто, а во 2024 година изнесува 39,2 проценти.
„Со овој процент државата има повисока застапеност на жените во парламентот од 83 отсто од земјите членки на Европската Унија, а во однос на земјите од регионот кои не се членки на ЕУ е на прво место. Сепак, од конституирањето на првото Собрание во 1991 година до 2024 година ниедна жена не е избрана за претседател на Собранието. Во актуелниот парламентарен состав има една жена потпретседател, а со Деловникот од 2023 година е воведена позитивна мерка, со која најмалку еден од потпретседателите треба да биде од помалку застапениот пол“, се наведува во соопштението од ДЗР.
Во владата застапеноста на жените е далеку помала
Според ревизорите, поинаква е состојбата во извршната власт, каде што не е предвиден родов баланс при предлагањето и именувањето на министрите.
Во периодот 2014 – 2024 година учеството на жените во Владата како министерки се движи од 14 отсто до 31 отсто, како заменик-министерки од 7 отсто до 25 отсто, а како државни секретарки од 6 отсто до 31 отсто.
Во составот на Владата 2024 – 2028 година, од 20 министри со ресор, само 3 се жени, односно 15 проценти, а од петте заменици на претседателот на Владата нема ниедна жена, посочуваат од ДЗР.
Со ревизијата е утврдено дека недостигаат унифицирани механизми за избор и именување лица на раководни функции во органите на централната власт.
Именувањето се врши во согласност со разни закони, а во дел од постапките изборот се спроведува на затворени седници, што влијае врз транспарентноста на процесот.


