Северна Македонија падна за три места, и сега е на 45-ото, во Индексот за слобода на медиумите на Репортери без граници. Според сегашната позиција, сега е во групата земји каде ситуацијата се оценува како „проблематична“. Од регионот, во групата земји со „задоволителна“ состојба се само Словенија (36) и Црна Гора (41), Хрватска (53) е во групата со „проблематична“, како и Бугарија (71), Албанија (83) и Грција (86), а Босна и Херцеговина (90) и Србија (104) се во категоријата „тешка“ состојба.
Норвешка е прва на листата, веќе 10 години по ред, а последна е Еритреја. Сирија, по падот на претседателот Асад, има најголемо подобрување од сите земји – скок од 36 места во рангирањето.
За првпат во историјата на Индексот за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, повеќе од половина од земјите во светот сега спаѓаат во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за слободата на медиумите. Во изминатите 25 години, просечниот резултат на сите 180 земји и територии вклучени во рангирањето никогаш не бил толку низок. Од 2001, проширувањето на сè порестриктивни законодавни механизми – особено оние поврзани со политиките за национална безбедност – постепено го поткопува правото на информирање, дури и во демократските земји.
Од петте индикатори што се користат за оценување на слободата на медиумите во светски рамки – економскиот, правниот, безбедносниот, политичкиот и социјалниот контекст за новинарството – правниот индикатор забележа најголем пад оваа година, што е јасен знак дека новинарството сè повеќе се криминализира на глобално ниво.


