Наводна љубовница на Џани Инфантино добила отпремнина од УЕФА додека тој бeше генерален секретар, објави британски „Телеграф“.
УЕФА, каде што Инфантино беше генерален секретар од 2009 до 2016 година, издаде соопштение во кое се потврдува дека „на дотичната личност ѝ била извршена исплата за заминување“.
Според „Телеграф“, жената, чие име медиумот не го објавува, добила шестцифрена сума по наводната врска со Инфантино додека тој бил висок функционер во управното тело на европскиот фудбал. „Телеграф“ објави дека таа била унапредена од Инфантино за време на нивната врска, а откако си заминала, фудбалското тело ѝ платило за да студира магистерски студии по бизнис администрација, кои чинат по 45.000 фунти годишно.
Во соопштение објавено вечерта на 7 август, УЕФА призна дека е извршена уплата и дека е свесна за наводите дека жената била во врска со Инфантино. УЕФА соопшти дека оттогаш ги „заострила“ своите прописи за да „оние што се наоѓаат во модерна, високопрофилна организација“.
Признанието доаѓа по истрагата на „Телеграф“ која откри голема загриженост меѓу високите функционери во УЕФА во врска со однесувањето на Инфантино, што предизвика растечки бес околу неговата тековна улога како претседател на ФИФА.
Тој се приклучи на УЕФА во 2000 година и помина 16 години таму пред да замине за да стане претседател на ФИФА во февруари 2016 година.
Портпаролот на ФИФА ги негираше обвинувањата на адреса на Инфантино.
Наводната употреба на средствата на УЕФА се случила додека Инфантино бил нејзин секретар, велат извори, а жената била унапредена на менаџерска позиција додека наводната врска траела. Таа тогаш била административна позиција, но подоцна била унапредена во попрофитабилна менаџерска улога. Кога си заминала, Инфантино наводно ги искористил своите врски за да обезбеди нова профитабилна позиција за жената, во слична област.
Тој, исто така, ја обезбедил нејзината исплата, пренасочувајќи средства на УЕФА што можеле да се потрошат за фудбал на локално ниво, вклучително и во Велика Британија.
Тврдењата за наводната врска доаѓаат во време кога Инфантино се бори за својата иднина како претседател на ФИФА по неговите неуспешни планови да продаде акции на Светското првенство на приватни инвеститори, меѓу кои се спомнуваше и зетот на американскиот претседател Доналд Трамп. УЕФА е една од трите континентални фудбалски федерации кои јавно се спротивставија на плановите на Инфантино.
Блискиот однос меѓу Инфантино и Трамп повеќепати предизвика негодување и критики во последните месеци, како и за време на неодамна завршеното Светско првенство одржано во САД, Канада и во Мексико.
ФИФА е непрофитна организација, што значи дека, теоретски, парите заработени од натпреварувањето се реинвестираат во фудбал.
Инфантино е оженет и има четири деца.



