УЕФА не му верува на Инфантино: Бојкотот сè уште е во игра

Објавено:

Не се стишува бурата во фудбалскиот свет што ја предизвика претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, со неговиот контроверзен предлог да се овозможи влез на приватни инвеститори во натпреварувањата на светската куќа на фудбалот, како што се светските првенства.

Европската куќа на фудбалот, УЕФА, испрати јасна порака – дека извинувањето и повлекувањето на ваквиот предлог од Инфантино не се доволни.

Оттаму остануваат на најавите дека е можен бојкот на сите натпреварувања што ги организира ФИФА, а тоа ги вклучува и Мундијалите.

„Националните сојузи, членки на УЕФА, беа многу јасни кога се во прашање нивните услови поврзани со неучеството на натпреварувањата на ФИФА. Прво, предлозите да се продаде најголемото натпреварување мора да бидат повлечени, а второ – мора се дадат гаранции дека во иднина нема да се повторат такви обиди. Условите не се исполнети. Покрај тоа, УЕФА кристално јасно наведе во своето соопштение од неделата дека Џани Инфантино ја нема потребната доверба да ја предводи ФИФА. И тој став е непроменет“, порача Европската куќа на фудбалот.

Планот на Инфантино предвидуваше создавање ново комерцијално тело што би управувало со главните натпреварувања на ФИФА и би овозможило учество на приватни инвеститори.

Тој дури им понуди и на сите фудбалски федерации по 40 милиони долари ако го поддржат неговиот предлог.

Меѓутоа, планот пропадна, додека притисокот на УЕФА дури и за смена на Инфантино останува.