Марадона бил подуен, прикован за кревет и се помирил со смртта, сведочеше неговиот масер

Објавено:

Аргетинската фудбалска легенда Диего Марадона бил прикован за кревет, страдал од вишок телесни течности и изгледал помирен со својата судбина во последните денови пред смртта, сведочеше неговиот масер на последното судење за околностите под кои почина Марадона во 2020 година, јави АФП.

Марадона „не станувал од кревет, не сакал да јаде, не сакал да се мие, не сакал да се грижи за личната хигиена“, сведочеше масерот Николас Тафарел на судењето на 6 август.

Тафарел тврдеше дека во тоа време го предупредил медицинскиот тим на победникот на Светското првенство во 1986 година дека треба да бидат поприсутни и да го посетуваат „секој ден“, како што се слуша во аудио пораката што се емитуваше на суд.

Во април годинава почна нов судски процес против седум здравствени работници од медицинскиот тим на Марадона обвинето за небрежност што можеби придонела за смртта на фудбалската икона. Овој судски процес почнува речиси една година по пропаѓањето на претходниот, кој беше поништен поради процесни неправилности.

На 24 ноември, денот пред смртта на Марадона, Тафарел раскажа како залудно се обидувал да го убеди да дојде и да пие пијалак од билки.

„Ми рече: „Не сакам ништо, Тафита, тоа е тоа“. Го прашав: „Што мислиш, тоа е тоа?“, а тој одговори: „Ништо, тоа е тоа“, рече тој, цитирајќи ги двосмислените зборови на Марадона – кои можат да се разберат како „сè е во ред“.

Марадона почина сам во кревет следниот ден на 60-годишна возраст од срцева слабост и акутен белодробен едем – состојба при која течност се акумулира во белите дробови, две недели по операцијата.

Обвинетите, кои се соочуваат со затворска казна до 25 години, негираат каква било одговорност.

Повеќето од нив како основа за нивната одбрана ја наведуваат својата специјализација и ограничената улога, која немала директна врска со клиничките причини за смртта.

Обвинителството тврди дека медицинскиот тим постапувал „неприкладно, нестручно и несовесно“, оставајќи го Марадона без соодветна помош повеќе од 12 часа пред неговата смрт, според извештај на медицинска комисија од 2021 година.

Судењето би можело да трае и по овој месец.