Во Буенос Аирес започна нов судски процес поврзан со смртта на аргентинската фудбалска легенда Диего Марадона, при што седум членови од неговиот медицински тим се обвинети за убиство од небрежност.
Овој судски процес почнува речиси една година по пропаѓањето на претходниот, кој беше поништен поради процесни неправилности, пренесува Ројтерс. Марадона почина на 25 ноември 2020 година на 60-годишна возраст, по срцев удар додека се опоравуваше по операција на мозок за отстранување на згрутчена крв.
Процесот, кој се води во Сан Исидро, северно од Буенос Аирес, е против седум лекари и негуватели. Меѓу обвинетите се личниот лекар на Марадона, Леополдо Луке, психијатарката Агустина Косачов, како и против психолог, уште еден лекар, медицинскиот координатор на здравствената осигурителна компанија и двајца негуватели. Сите обвинети ги отфрлаат тврдењата за вина, според германската агенција DPA International.
Обвинителството тврди дека во домашната нега на Марадона, кој беше дел од репрезентацијата на Аргентина кога ја освои титулата светски првак во Мексико 1986 година, биле направени сериозни пропусти.
Доколку бидат прогласени за виновни, обвинетите се соочуваат со затворски казни до 25 години.
Обвинителството тврди дека медицинскиот тим постапувал „неприкладно, нестручно и несовесно“, оставајќи го Марадона без соодветна помош повеќе од 12 часа пред неговата смрт, според извештај на медицинска комисија од 2021 година, пренесува ESPN.
Судскиот процес се очекува да трае неколку месеци, со две рочишта неделно и околу 90 сведоци. Постапката беше повторно започната откако претходниот процес беше поништен во мај минатата година, поради тоа што еден од судиите беше суспендиран поради вклученост во неовластен документарен филм за случајот.
Диего Марадона е една од најголемите спортски личности во Аргентина, каде неговото наследство е присутно низ мурали, тетоважи и културни симболи, додава Ројтерс.


