Нема докази за наводната шпионска афера во кабинетот на Сиљановска-Давкова

Објавено:

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција не пронајде доволно докази за да отвори истрага за наводната шпионска афера во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Обвинителот оценил дека не се утврдени законските обележја на кривичните дела оддавање државна тајна и оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, ниту пак на некое друго дело.

Од ОЈО ГОКК информираат дека со наредба од Основниот кривичен суд Скопје била обезбедена компјутерска опрема за да се направат форензички анализи, а биле анализирани и податоци од мобилни уреди и известувања од лица запознаени со настанот.

„Според извештаите на Секторот за компјутерски криминал при МВР, не се утврдени дигитални траги или други форензички показатели за неовластено навлегување во компјутерскиот систем, ниту се пронајдени докази за снимање и прибирање класифицирани податоци. При анализите се констатирани одредени безбедносни и административни слабости во конфигурацијата на системот, кои можеле да претставуваат потенцијален безбедносен ризик, но не биле утврдени дигитални докази за извршување на пријавените кривични дела“, наведуваат од ОЈО ГОКК.

Наводната афера изби во јавноста пред неколку месеци откако до Обвинителството во декември лани било добиено известување од Секторот за компјутерски криминал во МВР дека на 24 ноември 2025 се случил настан од кој произлегле индиции за недозволени активности од висок државен интерес. Истиот ден била отворена предистражна постапка, но по околу 10 месеци од ОЈО ГОКК соопштија оти нема докази за такво нешто.

За случајот јавно зборуваше и претседателката Сиљановска-Давкова чиј став беше дека „обвинувањето за шпионажа е многу сериозно и нема логичен основ за тоа“.