Обвинувањето за шпионажа е многу сериозно и мислам дека нема логичен основ за тоа, смета претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова во однос на постапката што ја води Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) откако до него стигнале индиции од МВР за шпионски активности во нејзиниот кабинет.
Во гостување на ТВ Сител, Сиљановска-Давкова објаснуваше и зошто не гледа логика за ваква афера поврзана со изнесување класифицирани или строго доверливи податоци.
За разлика од обвинителството, кое испитува дали имало преземање информации по електронски пат, шефицата на државата уверува дека во претседателскиот кабинет не постои електронска мрежа на класифицирани или строго доверливи информации.
„Јас и само јас ги добивам во хартиена форма. Според протоколот, читам, пакувам и го давам на лице од архивата кое поседува највисок сертификат ’државна тајна‘. Најчесто се враќаат кај испраќачот или одат во архивата. Ако комуникацијата е на ваков начин, објаснете ми со кои податоци, дури и да влезе некој во вашиот компјутер може да посегне по шпионажа? Значи, не постои основ“, рече Сиљановска – Давкова во интервју за ТВ Сител.
Таа го нападна и обвинителството велејќи дека е шокирана како тоа комуницира за ваков предмет преку медиумите ако истиот е во предистражна фаза.
Овој предмет е под надлежност на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), со кое раководи Ислам Абази, кој е под постојани јавни напади од власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ за негова блискост со ДУИ и СДСМ односно структури од поранешната власт во земјава.
ОЈО ГОКК пред неколку дена во одговор на новинарски прашања наведе што досега е преземено посочувајќи го Министерството за внатрешни работи (МВР) не доставува информации до обвинителството.
Според хронологијата на настаните што ја објавија оттаму, целата постапка досега трае над пет месеци без конкретни резултати.
Како што беше наведено, Секторот за компјутерски криминал при МВР на 18 декември 2025 доставил известување до ОЈО ГОКК за настан од 24 ноември за индиции за „преземени недозволени активности од висок државен интерес“.
Веднаш бил отворен предмет и се барало дозвола од судот за пребарување на компјутерски систем за да се утврди дали нешто неовластено било копирано и преземено од кабинетот на Сиљановска-Давкова. Биле издадени и наредби за екстракција на податоци од лични компјутери. Од кабинетот на претседателката биле побарани и снимки од безбедносните камери.
Оттаму, пак, на почетокот на 2026-та одговориле дека тие не располагаат со копии од видеонадзорот бидејќи опремата е набавена од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) при Владата, а МВР е тоа што раководи со системот и ги чува записите.
„И покрај тоа, од страна на МВР до денес не се доставени повратни информации, ниту известување за преземени дејствија во врска со обезбедувањето на копиите од видеонадзорот“, велат од ОЈО ГОКК.
Во март, пак, МВР известило што презело за обезбедување пристап до криптираните податоци од дотогаш екстрахираната компјутерска опрема. Воедно, до Обвинителството биле доставени и два мобилни телефони од пријавеното лице. ОЈО ГОКК тврди дека веднаш била издадена наредба за да нивна екстракција во Истражниот центар.
„Потоа, на 25.03.2026 година, имајќи ја предвид сериозноста и чувствителноста на предметот, јавниот обвинител до МВР – Сектор за компјутерски криминал достави наредба за анализа на податоците од мобилните телефони, како и заедничка анализа на податоците екстрахирани од компјутерската опрема обработена во Истражниот центар на ОЈО ГОКК. Дополнително, беше побарана и анализа на постапувањето по судската наредба за увид и пребарување во информативниот систем на Кабинетот на претседателката, со задолжение до обвинителството да биде доставено известување за прибраните докази. До денес, и покрај сериозноста на предметот, чувствителноста на околностите и значењето на навременото постапување, ОЈО ГОКК нема добиено известување од МВР за резултатите од преземените дејствија, ниту за прибраните докази“, тврди ОЈО ГОКК.
Додека обвинителството тврди едно, покрај претседателката која не гледа логика за вакви сомнежи за шпионажа, со недоверба јавно настапи и премиерот Христијан Мицкоски.
За него, сомнежите за наводна шпионска афера во Кабинетот на Сиљановска – Давкова потекнуваат од „шпионски талог на општеството“ – структури кои во минатото се наоѓале во кабинетите на поранешните политичари, а ОЈО ГОКК на чело со обвинителот Ислам Абази создава паника во јавноста дека нешто се случувало.
„Тоа е шпионски талог на општеството, структури од минатото кои се наоѓале во кабинетите како глодари на некои поранешни политичари, претседатели, премиери итн. и тие се претставуваат како група вработени и испраќаат анонимни дописи до обвинителства. Се разбира, таму е Ислам Абази веднаш да истрча и да создаде паника во јавноста дека нешто се случувало. Јас не би ги коментирал овие глодари затоа што мислам дека треба да ги заборавиме“, рече Мицкоски на 20 мај.


