Позициите на Скопје и Софија остануваат значително оддалечени, порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, по денешната билатерална средба со неговата бугарска колешка Весислава Петрова-Чамова од чиј кабинет, пак, соопштија дека било побарано Северна Македонија да каже кога планира да ги направи уставните измени.
Според соопштението од македонското Министерство, Муцунски оценил дека средбата била конструктивна и поминала во позитивен дух, а и покрај постојните разлики во позициите, според соопштението од македонското Министерството, била потврдена подготвеноста да продолжи комуникацијата со Бугарија.
Министерот, исто така, истакнал дека кога се во прашање европските интеграции, постои висок степен на недоверба која од македонска перспектива е поврзана со „предвидливоста на процесот и со досегашното искуство со билатералните барања“.
„Нашите позиции се апсолутно јасни. Стратешки интерес и на Бугарија е ние да се движиме напред по европскиот пат. Но, ние сме земја која низ годините постојано се соочувала со билатерални барања. Кога ќе се затворело едно билатерално прашање, потоа се отворало ново“, истакнал Муцунски.
Со кратко соопштение излезе и бугарското Министерството за надворешни работи кое, исто така, ја истакна подготвенсота да се продолжи со разговорите. Оттаму потенцираат и дека на билатералната средба било побарано од Северна Македонија да каже кога планира да ги направи уставните измени за вметнување на Бугарите во македонскиот Устав. Тоа е обврска што земјава ја презеде со преговарачката рамка и е услов Скопје да продолжи да ги отвора преговарачките поглавја за членство во Европската Унија (ЕУ).
„Министерката Петрова ја потврди поддршката на Бугарија за европската перспектива на Република Северна Македонија, почитувајќи го принципот на сопствени заслуги. Во овој контекст, таа побара информации за временската рамка во која Република Северна Македонија планира да ги исполни обврските утврдени во Европскиот консензус од 2022 година, неопходни за земјата да започне преговори за пристапување кон ЕУ“, пишува во соопштението на бугарското МНР.
Билатералната средба помеѓу шефовите на дипломатиите на двете земји се одржа на маргините на министерската конференција во Софија посветена на Коридорот 8. Таа беше организирана на барање на македонската страна откако таков совет до премиерот Христијан Мицкоски упати претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на Скопје на 2 октомври.
Во Софија денеска престојуваше и еврокомесарката за проширување Марта Кос, во чија агенда покрај присуството на министерската конференција беше и средба со домаќинката Петрова-Чамова. Зборувајќи за евроинтеграциите на регионот, на прес-конференција Кос порача оти нејзината визија е „еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа“.
Како и денешната, без никакви поместувања поминаа и претходните средби што ги имаа актуелните власти во Македонија и Бугарија. Муцунски и Петрова-Чемова се сретнаа и во мај на маргините на состанок во рамки на НАТО во Шведска.
Средба имаа и претседателките на двете држави – Гордана Сиљановска Давкова и Илијана Јотова, на маргините на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) што се одржува во јуни во Софија.
Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.
Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.


