Случајот со Ива Михајлова, двојна државјанка на Македонија и Бугарија, која се гони за кривично дело поврзано со сообраќајна несреќа во земјава, беше една од темите која се наметна од бугарските медиуми при денешниот настан во Софија каде се одржува конференција за Коридорот 8 на која е присутна и македонска делегација.
Она што беше истакнато е оти македонската страна е подготвена да овозможи медицински консултации со бугарски лекари за Михајлова, што Бугарија го смета како важен чекор кон решавање на случајот.
Бугарската министерка Весислава Петрова Чемова рече оти станува збор за хуманитарен случај и тој мора да се реши што поскоро за да се гарантира здравјето на Михајлова.
Михајлова е од Кочани и таа беше повредена во сообраќајка, но не може да го напушти родниот град за лекарски преглед поради забрана наметната од судскиот спор во кој е обвинета.
„Во овој контекст, информациите добиени преку дипломатски канали од Република Северна Македонија за подготвеноста за одржување медицински консултации, на кои би учествувале и бугарски лекари, се важен чекор. Се надевам дека ова може да се спроведе многу брзо“, рече Петрова на прес-конференција нагласувајќи дека сè уште не ја одржале предвидената билатералната средба со Муцунски за да може да разговараат подетално, пренесе БНТ.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, пак, потенцираше два аспекти на овој случај, што нагласи, треба да се разграничат.
Првиот е поврзан со судската постапка по поднесените обвиненија со коишто е опфатена и Михајлова. Како што посочи, како земја-кандидат за членство во Европската Унија, кога има систем заснован на владеење на правото и воспоставен систем на добро управување, не е улога на извршната власт – чиј претставник е тој, да се меша во одлуките што ги носат судските власти.
„Одлуката ја донесе судскиот систем и само во рамките на судскиот систем може да се направи нешто во врска со законитоста на притворот додека судската постапка трае. Вториот елемент за кој прашувате е поврзан со здравствената состојба на обвинетото лице – Ива Михајлова. Нашиот здравствен систем обезбедува соодветна и модерна здравствена заштита за секој граѓанин“, рече Муцунски.
Тој, исто така, нагласи оти станува збор за лице со двојно државјанство – лице кое има и македонско и бугарско државјанство.
„Бидејќи ова прашање го покренаа претставници на бугарската влада пред претставници на македонските влади на претходните билатерални средби, Република Северна Македонија предложи претставници на здравствените власти од вашата земја – медицински специјалисти кои имаат потребно знаење за конкретното прашање – да ја посетат нашата земја и добронамерно да се осигурат дека на обвинетото лице му е обезбеден соодветен медицински третман“, потенцираше Муцунски.
Ова, рече шефот на дипломатијата, е гест на добра волја, а не наша обврска.
„Ова не е наша обврска, но морам да зборувам многу отворено и директно. Поради недостатокот на доверба што постои меѓу владите, мора да почнеме да градиме доверба некаде“, додаде Муцунски.


