„Денеска сме тука да работиме за подобри врски за луѓето од утрешнината“, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос по нејзиното пристигнување на Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8 во Софија.
„Бугарија е порта кон Европа за регионот на Црното Море, како и за Турција, а Западен Балкан игра многу важна улога на поврзување“, рече Кос.
Таа истакна дека во регионот се спроведуваат над 130 проекти, вклучително и за изградба на нови патишта и железници и за подобрување на граничните премини.
„Но, мојата визија како комесарка за проширување оди многу подалеку. Мојата визија е дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа“, рече европската комесарка.
Според нејзините зборови, тогаш граничните премини и транспортните врски за кои се зборува денес повеќе нема да имаат исто значење, „затоа што ќе бидеме една Европа“.
„Една Европа што работи заедно – ова е визијата кон која работиме во Брисел, тука во Софија, на Западен Балкан и, секако, во земјите-членки“, кажа Кос.
Mинистерскиот состанок за Коридорот 8 што се одржува во Софија ги собира претставниците на земјите низ кои минува трасата, но и високи претставници на ЕУ, НАТО, САД, Обединетото Кралство и Украина. Акцент во дискусиите за овој коридор ќе биде ставен на неговата важност за безбедноста и отпорноста на регионот, во контекст на воената мобилност и ефикасниот одговор на кризи.
Според официјалната најава објавена од бугарското Министерство за надворешни работи, предвидено е да има министри и високи претставници од Бугарија, Албанија, Италија, Северна Македонија, но и претставници на други земји од регионот – Романија, Косово и Црна Гора.
Учесниците ќе дискутираат на три тематски панели кои ќе се фокусираат на важноста на Коридорот 8 за регионалната стабилност и евроатлантската интеграција, развојот на транспортната и енергетската поврзаност, зајакнувањето на енергетската безбедност и потенцијалот за економски раст.
„Посебен акцент ќе се стави и на клучната улога на Коридорот 8 за безбедноста и отпорноста на регионот, во контекст на воената мобилност и ефикасниот одговор на кризи“, велат од бугарското МНР.
Коридорот 8 треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море. Станува збор за коридор кој е од исклучителна важност и за НАТО и за ЕУ, што досега во низа наврати го потенцираат и европските претставници.


