Средбата меѓу Муцунски и Петрова-Чамова доаѓа по неколку разговори на високо ниво кои не донесоа конкретно поместување во односите меѓу Скопје и Софија. Додека македонскиот премиер Мицкоски однапред ги намали очекувањата велејќи дека очекува „дијалог на коњопој“, бугарската претседателка Јотова остави простор за „умерен оптимизам“, но повтори дека Софија очекува исполнување на преземените обврски од европскиот процес.
Билатералната средба ќе биде на маргините на министерскиот состанок за Коридорот 8 кој во Софија ги собира претставниците на земјите низ кои минува трасата, но и високи претставници на ЕУ, НАТО, САД, Обединетото Кралство и Украина. Акцент во дискусиите за овој коридор ќе биде ставен на неговата важност за безбедноста и отпорноста на регионот, во контекст на воената мобилност и ефикасниот одговор на кризи.
По совет на претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска (8 октомври) ќе одржи билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова.
Средбата ќе се одржи на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8, што се одржува во Софија.
Бугарските власти прифатија билатерален состанок откако барање испрати македонската страна. Скопје бараше средба по советот што го даде фон дер Лајен на македонскиот премиер Христијан Мицкоски за време на нејзината посета на земјава на 2 октомври.
А, во Софија меѓу присутните ќе биде и еврокомесарката за проширување Марта Кос. Таа ќе учествува на конференцијата посветена на Коридорот 8, но според официјалната агенда објавена на веб-страницата на ЕК, ќе има и средба со Петрова Чамова која е домаќинка на денешниот настан.
Засега во агендата не е предвидена билатерална средба и со Муцунски.
Од очекувања за „коњопој“ до „умерен оптимизам“
И покрај најавите и ставањето на средбата меѓу шефовите на дипломатиите на Бугарија и Македонија во фокусот на македонската јавноста, сепак, неизвесно е дали од неа може да се очекува некакво поместување во однос на спорот меѓу двете земји.
Додека Скопје чекаше одговор од Софија дали ќе се одржи средбата, претставници на државниот врв излегуваа со свои очекувања.
Премиерот Мицкоски на 6 октомври изјави дека за неговите очекувања разговара со Муцунски и оти од „средбата не очекува ништо“ или, како што рече, „дијалог на коњопој“.
„Имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда, не очекувам ништо, очекувам некој дијалог пул асајд (pull aside), ние така го викаме на коњопој, и тоа од прилика“, рече Мицкоски.
Бугарската претседателка Илијана Јотова, пак, во изјава за тамошните медиуми кажа дека е „умерен оптимист“, а на премиерот му порача дека за средбата да биде сериозна, тој мора добро да ја прочита европската политика во врска со евроинтеграциите на Северна Македонија. Како што рече таа, премиерот треба „да заборави дека ова е билатерално прашање, како што тој се обидува да го претстави“.
„Ние секогаш сме биле отворени за разговори со нив, но разговори без ултиматуми и без отстапки од европската политика. Бугарија е дел од Европската Унија и не можеме да дозволиме земја која тргнала по европскиот пат да не ги прифаќа вредностите и доблестите на Европската Унија, а уште помалку да зборува со ултиматумски тон, но да останеме умерени оптимисти“, рече Јотова.
Претходните средби без напредок, новата во период кога ЕУ дебатира за правото на вето
Досега без сериозни поместувања беа претходните неколку средби и разговори меѓу двете страни.
Така беше во мај, кога Муцунски и Петрова Чемова разговараа на маргините на состанок во рамки на НАТО во Шведска.
Без поместувања, во јуни од Софија се врати и претседателката Гордана Сиљановска – Давкова која имаше билатерална средба со Јотова во рамки на Самитот на шефови на држави и влади на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) што се одржува во Софија.
Тогаш Сиљановска Давкова излезе со изјава дека и на неа и на Муцунски им станало јасно Бугарија има и други барања освен уставните измени.
„Не се во прашање само уставните измени туку се во прашање и други барања поврзани со протоколите што произлегуваат од работата на историската комисија“, рече претседателката.
Од кабинетот на Јотова, пак, по средбата објавија соопштение во кое го потенцираат условот за внесување на Бугарите во Уставот.
„Република Северна Македонија мора да го исполни францускиот предлог од 2022 година, кој таа самата го потпиша, кој стана паневропски став за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ“, била пораката што ја упатила Јотова, според соопштението од нејзиниот кабинет.
Новата средба во Софија што е закажана за денеска (8 октомври) се случува паралелно со дебатите во Брисел за реформирање на методологијата за проширување, со идеја правото на вето на земјите членки да се ограничи само на самиот крај од преговарачкиот процес наместо да се користи за блокирање на секое поединечно поглавје. Ваквата правна рамка би спречила билатералните спорови да ги држат граѓаните во повеќегодишна неизвесност, овозможувајќи реформите да се вреднуваат исклучиво според постигнатите стандарди.
Од Договорот за пријателство и добрососедство, до бугарско вето
Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.
Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.
| Украинци, Британци, Американци – кој сè ќе биде во Софија за Коридорот 8? Меѓународната министерка конференција во Софија посветена на Коридорот 8 на едно треба да ги собере претставниците на земјите каде минува оваа траса, но и претставници од западните сили. Според официјалната најава објавена од бугарското Министерство за надворешни работи, предвидено е да има министри и високи претставници од Бугарија, Албанија, Италија, Северна Македонија, но и претставници на други земји од регионот – Романија, Косово и Црна Гора. Исто така, меѓу учесниците ќе биде и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, високи претставници на Европската служба за надворешна акција и НАТО, како и претставници на САД, Обединетото Кралство и Украина. ВИДЕТЕ И ОВА: За 22 километри пруга – 21 тунел: Следува најтешкиот дел од делница кон Бугарија Бугарското МНР посочува дека ќе има и експерти од областа на транспортот, енергетиката, одбраната, инвестициите, иновациите. Учесниците ќе дискутираат на три тематски панели кои ќе се фокусираат на важноста на Коридорот 8 за регионалната стабилност и евроатлантската интеграција, развојот на транспортната и енергетската поврзаност, зајакнувањето на енергетската безбедност и потенцијалот за економски раст. „Посебен акцент ќе се стави и на клучната улога на Коридорот 8 за безбедноста и отпорноста на регионот, во контекст на воената мобилност и ефикасниот одговор на кризи“, велат од бугарското МНР. Коридорот 8 треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море. Станува збор за коридор кој е од исклучителна важност и за НАТО и за ЕУ, што досега во низа наврати го потенцираат и европските претставници. |


