Бугарската претседателка Илијана Јотова вели не ги знае деталите од разговорот меѓу претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со македонскиот премиер Христијан Мицкоски, но се надева дека овој пат „таа била исклучително цврста“, пренесуваат бугарските медиуми.
„Патот на Република Северна Македонија кон Европската Унија не оди преку ултиматуми и ветувања, потребен е искрен дијалог“, изјавила Јотова од Благоевград и додала дека е умерен оптимист и оти ќе побара од шефицата на бугарската дипломатија Петрова-Чамова да ѝ го даде на увид барањето за средба во Софија.
„За овој разговор да биде сериозен, Мицкоски мора многу добро да ја прочита европската политика во врска со проширувањето на Република Северна Македонија и да заборави дека ова е билатерално прашање, како што тој се обидува да го претстави. Ние секогаш сме биле отворени за разговори со нив, но разговори без ултиматуми и без отстапки од европската политика. Бугарија е дел од Европската Унија и не можеме да дозволиме земја која тргнала по европскиот пат да не ги прифаќа вредностите и доблестите на Европската Унија, а уште помалку да зборува со ултиматумски тон, но да останеме умерени оптимисти“, рекла Јотова во одговор на прашање кое го пренесуваат дел од бугарските медиуми.
И лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, е на иста линија.
„Треба да се исполни договорот за добрососедство и пријателство и не се бара ништо повеќе од тоа. Има договор потпишан од мене и нивниот премиер. И ние и Европската комисија не сакаме ништо повеќе од почитување на овој договор. Ние не сме непријатели, туку напротив“, рекол Борисов при посета на Русе, пишува БГНЕС.
За премиерот Христијан Мицкоски завчерашната средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, била исклучително пријателска, корисна и содржајна, и дека таа можеби ќе биде клучна за некои процеси во иднина, иако, како што рече, не е задоволен од пораките во однос на уставните измени.
На средбата, Урсула фон дер Лајен го советувала премиерот Христијан Мицкоски да побара билатерална средба помеѓу министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија во Софија, а со цел да се деблокира евроинтегративниот процес на државата. Денешната средба со Фон дер Лајен, Мицкоски ја искористил за да побара вклученост на ЕУ во овој процес, со цел, како што кажа, „да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“.


