Софија официјално потврди: Утре средба Чамова – Муцунски за македонската евроинтеграција

Објавено:

Со официјална дипломатска нота од Софија е потврдено дека македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, утре во Софија ќе има официјална билатерална средба со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова, информираа македонските власти.

Директниот разговор меѓу двајцата министри доаѓа во момент кога македонските евроинтеграции се закочени поради билатералниот спор. Точниот формат на средбата дополнително ќе го одреди бугарскиот домаќин, со можност состанокот да биде организиран на маргините на регионалниот состанок посветен на инфраструктурниот Коридор 8.

Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати посочи дека официјално Скопје останува на ставот дека единствениот пат за деблокада на европскиот пат е активниот политички дијалог и градењето искрени добрососедски односи.

Средбата во Софија се случува паралелно со дебатите во Брисел за реформирање на методологијата за проширување, со идеја правото на вето на земјите членки да се ограничи само на самиот крај од преговарачкиот процес наместо да се користи за блокирање на секое поединечно поглавје. Ваквата правна рамка би спречила билатералните спорови да ги држат граѓаните во повеќегодишна неизвесност, овозможувајќи реформите да се вреднуваат исклучиво според постигнатите стандарди.