Скопје официјално побарало средба меѓу шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски и министерка за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, потврдиле од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија потврдија за државната агенција МИА.
Ако биде прифатена, средбата ќе се организира веќе следната недела во Софија на маргините на министерскиот состанок посветен на Коридорот 8.
Ова доаѓа по посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска (2 октомври) на Скопје, која го советувала премиерот Христијан Мицкоски да се побара билатерална средба меѓу министрите на двете држави.
„Од претседателката добив совет – веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија е во Софија, причина за тоа е Коридорот 8 и проектите коишто ги движиме во рамките на тој Коридор 8, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме, процесот од некаде да го движиме“, изјави премиерот.
Мицкоски ваквиот одговор го даде на прашање за тоа како било прифатено неговото барање ЕУ да се вклучи во разговорите со Бугарија.
За вакво барање зборуваше и Муцунски, а истото не наиде на противење ниту од Софија од каде порачаа дека „Бугарија останува отворена за конструктивен дијалог со Северна Македонија, а процесот на пристапување на земјата е европско прашање“.
Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.
Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.
Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.
Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.


