Бугарско МНР: Пристапувањето на Македонија во ЕУ мора да се разгледува во европските институции

Објавено:

Бугарија останува отворена за конструктивен дијалог со Северна Македонија, а процесот на пристапување на земјата е европско прашање. Ова е ден од ставот на Министерството за надворешни работи на Бугарија во врска со изјавата на шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, дека Македонија сака да има медијатор од Европската Унија во разговорите со Софија.

Бугарското МНР нагласува дека пристапувањето на Македонија во ЕУ е прашање кое мора да се разгледува во рамките на европските институции.

„Нашата земја ја поддржува работата на Европската комисија во текот на преговорите со сите земји-кандидатки“, се наведува во ставот при што Софија потсетува и дека добрососедските односи се основен услов за напредок.

Бугарија повторно ги нагласува очекувањата Македонија да ги исполни своите обврски.

Реакцијата од Софија следува откако Муцунски во интервју за државната агенција МИА од Њујорк изјави дека во однос на евроинтеграциите и разговорите со Бугарија, позицијата на Владата останува јасна – земјата сака да напредува кон ЕУ и да ги отвори преговорите, но не е подготвена да прифати компромис што нема да обезбеди предвидливост.

„За нас е значајно во сите разговори што понатаму ќе ги имаме со Бугарија да има и вклученост на Европската Унија. Битно е да има минимум уште една страна во процесот што ќе помогне да почнеме да ја градиме довербата која недостига“, рече Муцунски.

Односите меѓу две држави заладија во 2020 година, кога Софија стави вето за преговарачката рамка за земјава поради спор околу јазикот, историјата и бугарското малцинство.

Со посредство на европските партнери, беше пронајден компромис – Северна Македонија прифати во Преамбулата од Уставот, покрај веќе постоечките, да се додаде и бугарската заедница додека од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

Со ваков компромис, на 19 јули 2022 Северна Македонија ја одржа Првата меѓувладина конференција со ЕУ во рамки на пристапниот процес. За да се одржи втората и да почнат да се отвораат поглавјата македонскиот парламент треба да изгласа уставни измени. Актуелната влада во Скопје, составена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, која беше формирана во јуни 2024, пак е на став дека нема да се впушти во ваков процес додека не добие гаранции дека ќе нема нови билатерални условувања од бугарска страна.

Претходно во 2017, Бугарија и Северна Македонија потпишаа Договор за пријателство, добрососедство и соработка.