Урсула фон дер Лајен со посетата на Македонија ја завршува турнејата по Западен Балкан

Објавено:

Претседателката на Европската Комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија, во чии рамки е предвидена средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, а потоа следува работен ручек на фон дер Лајен со премиерот Мицкоски и со членови од владиниот кабинет.

Подоцна ќе биде одржана заедничка прес-конференција на фон дер Лајен и Мицкоски.

Предвидено е шефицата на ЕК да биде примена и од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Деновиве премиерот Мицкоски изјави дека со Фон дер Лајен ќе разговара за процесот на проширување на ЕУ, преговорите со Бугарија и новите европски патокази.

Тој оцени дека би било нелогично Северна Македонија да биде изоставена од новиот европски план доколку кандидатите се оценуваат според заслугите.

Неговата позиција е дека Северна Македонија спроведува реформи и ги исполнува обврските од Реформската агенда и Планот за раст, па очекува од ЕУ да го почитува принципот на заслуги.

Тој порача дека Владата е подготвена за разговор, дебата и изнаоѓање решение за прашањата поврзани со евроинтеграциите.

„Логично е да се седне и да се разговара во присуство на претставници од ЕУ затоа што треба да се слушнат аргументите објективно. Вака, кога седиме и разговараме на билатерална основа, тоа што се разговара нема никаква суштина. Ниту, пак, потоа брифирањето по тие средби е онака како што се разговарало на тие средби. Ценам дека за да имаме некаков ефект и суштина од тие разговори добро е да има претставници од Европската комисија, од ЕУ, за да ги слушнат аргументите“, рече Мицкоски во врска со спорот со Бугарија.

Филипче: Политиката на владата ја изолира Македонија од Европа

Од друга страна, лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче пред посетата на фон дер Лајен оцени дека владината политика ја изолира земјата од ЕУ и дека Македонија ризикува да ја пропушти актуелната можност за напредок.

Тој истакна дека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија се опфатени со новиот европски патоказ, додека Северна Македонија не е.

„Мицкоски нека размисли добро што ќе ѝ каже на Фон дер Лајен, затоа што земјата се наоѓа во сериозен момент за својата европска перспектива“, рече Филипче.

Тој конкретно го повика премиерот да не ја пропушти можноста за напредок и предупреди дека според него, доколку продолжи сегашната политика, Македонија може дополнително да заостанува зад земјите од регионот.

Пред Скопје, фон дер Лајен ги посети Тирана, Подгорица и Приштина

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, вчера во Подгорица изјави дека Европската унија цврсто стои зад Црна Гора како 28. земја- членка и дека на тој пат Брисел ќе обезбеди целосна поддршка.

На заедничката прес-конференција со премиерот Милојко Спајиќ, таа ги пофали реформите во правосудството и владеењето на правото, оценувајќи дека земјата останува главен предводник на европските интеграции во регионот.

Фон дер Лајен истакна дека темпото на преговорите овозможува брз напредок кон потпишување на договорот за пристапување

„Мојата прва порака е дека ние веруваме во Црна Гора како 28. членка до 2028 година и ќе ви дадеме поддршка на целиот пат. Можете да сметате на нас“, рече Фон дер Лајен.

За време на престојот во Приштина, таа на заедничка прес конференција со косовскиот премиер Албин Курти изјави дека пресудата на Хашкиот трибунал против поранешните водачи на Ослободителната војска на Косово (ОВК) мора целосно да се почитува.

Фон дер Лајен додаде и дека никој и ништо не може да ја промени историјата на Косово и косовскиот народ.

Претходно таа престојуваше во Тирана, каде што на заедничка прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија напорно работела за да ги постигне европските стандарди.

Фон дер Лајен нагласи дека патот до членство бара континуирано спроведување на фундаментални реформи во сите отворени поглавја, вклучително и заштитата на животната средина и природните ресурси на земјата.

Според неа, постигнувањето трајни промени бара соработка што оди подалеку од традиционалните политички граници.

Србија и БиХ не беа дел од турнејата на фон дер Лајен

Ова е шеста последователна годишна посета на фон дер Лајен на регионот.
Главните теми на турнејата се напредокот кон членство во Европската Унија, реформите и постепеното интегрирање на земјите од регионот во единствениот европски пазар.

Фокус е ставен и врз спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан, кој е поддржан со финансиски пакет од 6 милијарди евра и има цел да овозможи дел од придобивките од членството во ЕУ уште пред формалното пристапување.

Србија и Босна и Херцеговина не беа дел од оваа турнеја. Европската комисија официјално соопшти дека фон дер Лајен ќе ги посети овие две земји подоцна, поради претстојните парламентарни и општи избори.