Повеќе од 60 проценти од трасата од Крива Паланка кон бугарската граница ќе минува низ тунели и мостови. Тука е и тунелот на самата граница за кој Скопје и Софија очекуваат европски пари. Овој трет дел од изградбата на железницата кон Бугарија е во фаза на избор на надзор, а изведувач се очекува да се избере наесен.
Коридорот преку Македонија треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море. Тој е важен и за НАТО и за ЕУ, од каде очекуваат дека ќе обезбеди „поголема мобилност и за воени и за бизнис цели, но ќе ја олесни и трговијата и ќе зголеми конкурентноста“. Меѓутоа, УНЕСКО го вклучи алармот, а на тоа предупреди и Мицкоски – треба да се внимава при изградбата кај македонско-албанската граница поради статусот на светско наследство што го има Охридскиот регион.
Најсложен техничко-технолошки и инфраструктурен проект. Вака беше претставена третата фаза од железничката пруга од Коридорот 8 кон Бугарија при потпишувањето на договорите за град и заеми за изградба на делницата од Крива Паланка до границата со источниот сосед.
Станува збор за делницата во должина од 22 километри. Поради сложениот терен и планински предели, во овие 22 километри ќе има дури 21 тунел во вкупна должина од 7,8 километри. Дополнително ќе има уште 52 мостови и вијадукти од околу 5 километри.
„Тоа значи дека од вкупно 22 километри скоро 13 километри преку 60% ќе бидат мостови и тунели. Тоа е технолошки предизвикувачи затоа што и самиот терен е во наднадморска височина и затоа се потребни овие тунели и мостови. Има потреба од додатни геодетски, хидролошки, геолошки и геотехнички истражувања“, вели директорот на Јавното претпријатие „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски.
Тој кажа и дека ќе се изградат современи пруги по стандардите на ЕУ, дека делницата ќе биде целосно електрифицирана, ќе има современи сигурносни уреди и телекомуникациски системи, како и системи за далечинско управување и надзор.
Владини претставници денеска, 6 август, потпишаа договори за финансирање на овој дел од коридорот – Крива Паланка – македонско-бугарска граница.
Станува збор за грант од 149 милиони евра обезбеден од Инвестициската рамка за Западен Балкан на Европската Унија, како и два кредити од по 175 милиони евра од Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој.
Македонија и Бугарија заедно бараат грант за тунелот на границата
Железничко поврзување со Бугарија е проект за кој се зборува повеќе од 30 години. Изминативе години еден од клучните проблеми беше тунелот на самата граница во должина од 2,4 километри од кој половина на македонска, а другата половина на бугарска страна.
Владите во двете држави, во ноември лани потпишаа договор за заедничка изградба и ќе бараат грант од европските институции за негова изградба.
„Она што е значајно е што успеавме да постигнеме договор со Бугарија за железнички тунел и само на тој начин тоа има смисла. Минатата година го потпишавме Договорот, а минатата недела се одржа првиот меѓуресорски и меѓувладин состанок во Софија. Очекуваме до крајот на месецот да се одржи и вториот состанок во Скопје. Двете влади испраќаат заедничко писмо за гранд за изградба на железничкиот тунел, кој сум убеден дека ќе бидат далеку поголем од тоа што досега се одвојуваше“, изјави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
Кога ќе почне изградбата на третата фаза кон Бугарија?

Процедурите за трета фаза од Коридорот 8 кон Бугарија односно Крива Паланка – бугарска граница, за која денеска беа потпишани договорите за финансирање, веќе се почнати.
Како што појасни Николоски, веќе има тендер за избор на надзор и тој се спроведува во две фази – преквалификација и квалификација. Од нив првата е во финишот. Потоа ќе следува избор на изведувач за градбата.
„Тендерот за градба е во една фаза, двете фази заеднички ќе одат. Ќе работиме согласно правила на Европската инвестициската банка која е водечка во овој проект. Потоа ќе следува процес понудувачите да ги дадат понудите и да се направи евалуацијата. Ако е сè во ред, во текот на есента би требало да се избере изведувач, да помине процесот на жалби – ако ги има, и да се почне со работа на терен“, рече Николоски.
Кога се во прашање останатите две делници од источното крило од Коридорот 8, што треба земјава да ја поврзе со Бугарија, првата од Куманово – Бељаковце во должина од 30,8 километри е завршена. Втората од Бељаковце кон Крива Паланка долга 34 километри е во изградба.
Коридор важен за ЕУ и НАТО, но и траса проблематична за УНЕСКО
Коридорот 8 треба да ги поврзе Јадранското и Црното Море. Станува збор за коридор кој е од исклучителна важност и за НАТО и за ЕУ, што го потенцираат и европските претставници.
„Важноста на Коридорот е битна. Тој ги поврзува Јадранското и Црното Море. Коридор 8 е дел од инфраструктурата и на ЕУ и на НАТО, ќе ја зголеми отпорноста на земјата, на регионот и на континентот, ќе обезбеди поголема мобилност и за воени и за бизнис цели, но ќе ја олесни и трговијата и ќе зголеми конкурентноста“, изјави заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Бен Нупнау.
Останатиот дел од Коридорот 8 – кон Албанија исто треба да се заврши и модернизира.
При денешното потпишување на договорот, премиерот Мицкоски се осврна и на тоа. Рече дека во рамки на Реформската агенда ќе биде опфатена модернизацијата и електрификацијата на делот од Скопје до Гостивар преку Јегуновце и Тетово.
За финансирањето на делот од Гостивар кон Кичево, а понатаму и кон Струга и Албанија, се разговара и во европските институциите, но Мицкоски предупреди дека треба да се биде внимателен.
„Тука мора да биде внимателни со препораките на УНЕСКО. Треба внимателно кога повлекуваме линии на хартија, да внимаваме како во пракса ќе имаат влијание врз екосредината и животот на граѓаните. Нас, верувам и на сите тука присутни, ни е важно охридско-струшкиот регион да остане културно светско наследство“, рече Мицкоски.
Охридскиот регион и од македонска и од албанска страна е прогласен за светско наследство од страна на УНЕСКО во 1979 година. Меѓутоа, изминативе години тој се најде на раб да биде ставен на листата на светско наследство во опасност. Меѓу клучните проблеми што се нотираат беа дивоградбите, неконтролираната урбанизација, а како проблематична се споменуваше и рутата за Коридорот 8.
Предлог да биде прогласен за наследство во опасност, имаше лани, но одлуката се пролонгираше за една година. По ова, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО заседаваше пред десетина дена и една од точните на дневен ред беше и оваа. Но, статусот на регионот преживеа и овој пат.
Македонија и Албанија добија дополнителен рок од пет години да ги спроведе препораките кои треба да го заштитат природното и културното наследство на Охридскиот регион.



