Францускиот министер за образование, Едуар Жефре, изјави дека во речиси 500 училишта низ Франција денеска не се одржува настава поради бранот ученички протести што ја зафати земјата.
Наставата ќе биде „целосно или делумно прекината“ во околу 400 до 500 средни училишта, бидејќи „не се исполнети безбедносните услови“, рече Жефре, додавајќи дека од почетокот на ученичкото движење биле „опожарени или ограбени“ 24 училишта.
Затворањето на училиштата тој го опиша како превентивна мерка во пресрет на големите протести најавени за утре.
Француските средношколци тврдат дека условите за образование им се влошени, меѓу другото, поради недостигот на наставници и дотраените училишни згради.
Движењето започна во едно париско училиште на 17 септември, но минатата недела прерасна во протести низ целата земја, кои на некои места доведоа до судири меѓу учениците и безбедносните сили.
Притоа, безбедносните сили употребија солзавец и палки против учениците.


