На изборите за тројца членови на Претседателството на БиХ водат Денис Беќировиќ (Социјалдемократска партија на БиХ), Даријана Филиповиќ (Хрватска демократска заедница на БиХ) и Жељка Цвијановиќ (Сојуз на независни социјалдемократи), кои имаат поддршка и од други партнерски партии, покажуваат првите прелиминарни резултати на Централната изборна комисија на БиХ.
Партијата за демократска акција на Бакир Изетбеговиќ, Социјалдемократската партија на БиХ на чело со Нермин Никшиќ и Хрватската демократска заедница водат во ентитетот Федерација БиХ.
Во Република Српска убедливо води Сојузот на независни социјалдемократи на Милорад Додик, чиј кандидат Саво Миниќ води и во трката за претседател на Република Српска.
По директните избори следува формирање на ентитетските парламенти, како и индиректни избори за Домот на народите на Парламентарното собрание на БиХ, Домот на народите на Парламентот на Федерацијата БиХ и Советот на народите на Народното собрание на Република Српска.
Во Федерацијата БиХ во Парламентот индиректно ќе се избираат и претседателот и потпретседателите на ентитетот.
Потоа следува формирање на Советот на министри на БиХ и на ентитетските влади.
Во десетте кантони во Федерацијата БиХ, исто така, треба да се формираат собранија и да се именуваат влади.
Босна и Херцеговина вчера избираше нова власт, а на Општите избори првпат беше применета биометриска идентификација на гласачите и скенирање на гласачките ливчиња.


