„Охрид не молчит“, „Кога системот спие, насилството се крие“, Живот. Не страв“, ова се дел од пораките што преку транспаренти и скандирања денеска (21 ноември) ги испратија охриѓани на мирен протест против насилството врз жените.
Граѓаните бараат ефективни постапки кога се пријавува семејно насилство – постапувања и истраги.
Собрајќи се на кејот во центарот на градот, охриѓани маршираа низ чаршијата, како и до зградата на Основниот суд во Охрид.
На протестот се појави и таткото на Сара Ѓорѓиеска, жртвата на насилство во случајот што ја потресе македонската јавност.
Сара беше претепана од нејзиниот партнер Кристијан Корабоски, кој вечерта меѓу 14 и 15 ноември физички ја нападнал девојката која изгубила свест, а потоа ја исфрлил од автомобилот пред маркет во Охрид.
Тој првично беше приведен, па пуштен со мерки за претпазливост. По жестоките реакции во јавноста, надлежните експресно постапија и во еден ден поднесоа обвинение и побараа притвор, кој му беше одреден. Корабоски со обвинението се гони за три кривични дела: телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.
А, постапка се води и против таткото на девојката бидејќи по претепувањето на неговата ќерка упатил заканил кон семејството на сторителот.
Ова е втор протест во Охрид против насилството врз жените во една недела. За разлика од денешниот граѓански протест, првиот на 17 ноември беше организиран од Форумот на жени на СДСМ.
Случајот со Сара е еден од низата кои се регистрираа изминатиов период. На 4 ноември во Богданци беше убиена и 17-годишната девојка Биљана од нејзиниот 21-годишен партнер.
Ова беше седми фемицид од почетокот на годинава во Македонија.
Периодов се организираа и неколку протести во Скопје против фемицидот и насилството врз жените. Вчера, 20 ноември, движењето „Ниту една повеќе“ организираше и блокада пред Владата.


