Болсонаро и Лула ќе одат во вториот круг на изборите во Бразил

Објавено:

Сенаторот Флавио Болсонаро и актуелниот претседател, Луиз Инасио Лула да Силва, ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори во Бразил.

Прелиминарните податоци на бразилската изборна комисија покажуваат дека по обработени речиси сто насто од гласачките ливчиња, Болсонаро освоил 47,05 проценти од гласовите, а Лула 45,14 насто, значително повеќе од преостанатите десет кандидати.

Бидејќи ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите, Бразилците во вториот круг закажан за 25 октомври ќе одлучат дали 80-годишниот Лула ќе освои четврти претседателски мандат или ќе биде заменет од 45-годишниот Болсонаро.

Десничарскиот сенатор е син на поранешниот бразилски претседател, Жаир Болсонаро, кој беше осуден на 27 години затвор за планирање државен удар по поразот на изборите во 2022 година.

Анкетите спроведени пред изборите предвидуваа дека Лула во првиот круг ќе има предност од околу три процентни поени.

И покрај сè поизразената загриженост за состојбата на јавните финансии и бавниот економски раст на Бразил, во кампањата немаше вистинско политичко соочување, а двајцата водечки кандидати ги пропуштија главните телевизиски дебати.