Ждребе се роди среде булевар во Скопје, активистка го спасила

Објавено:

Активистката Билјана Николовска од Скопје утрово на социјалните мрежи објави фотографии од штотуку родено ждребе, кое се родило среде улица во скопски Карпош, а таа го преместила во тревникот на побезбедно место. Според нејзината објава, ждребето било во лоша состојба и не можело да стане.

Таа утрово поминувала по улицата „Илинденска“ кога го видела новороденото ждребе како лежи на коловозот, заедно со мајката кобила и коњ. Таа застанала и го префрлила ждребето на тревата покрај патот, бидејќи, како што вели, никој не се обидел да помогне.

„Идиотине подзастануваат и со мобилните снимаат… никој да застане, да ми помогне!!!! Едвај го извлеков од сред пат“, напиша таа во објава на Фејсбук.

Околу еден час подоцна таа повторно се вратила на местото за да провери како е ждребето, но животното сè уште не било станато и лежело свиткано со затворени очи.

Таа се јавила во Ветеринарната амбуланта во Автокоманда, од каде што била упатена во ЈП „Лајка“. Како што наведува, таму никој не се јавувал, додека телефонскиот број што го имала за „Анима Мунди“ не бил активен.

На крајот успеала да стапи во контакт со вработен во Зоолошката градина, кој ѝ рекол дека ќе биде испратена екипа за да ја провери состојбата на ждребето.

Подоцна активистката објави дека ждребето е живо и изрази благодарност до сите што помогнале да се реагира.

„Ждребето е живо и ќе биде сè во ред“, напиша таа во нејзината објава на Фејсбук.

zdrebe
Фото: Фејсбук / Билјана Николовска

Неколку часа подоцна се огласи и скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Тој објави дека кобилата која се оджредби на улица во Карпош и ждребето се згрижени и во карантин во скопската Зоолошка градина. Ги повика Агенцијата за храна и ветеринарство и Министерството за шумарство и водостопанство итно да пристапат кон заедничка, координирана акција, секој во рамките на своите надлежности потенцирајќи дека Скопје мора да биде безбеден, уреден и хуман град.