Кај скопјанец пронајдени пиштоли, муниција, бомба и клуч од мотор кој се поврзува со убиство

Објавено:

Основното јавно обвинителство Скопје поведло истрага против 33-годишен скопјанец, откако при претрес во неговиот дом биле пронајдени оружје, муниција, експлозив и марихуана. Во станот бил откриен и клуч од мотор за кој, според Обвинителството, постојат оперативни сознанија дека бил користен при извршување кривично дело убиство.

Против осомничениот е донесена Наредба за спроведување истражна постапка за кривичните дела неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, објави 4news.mk

При претресот полицијата пронашла и запленила рачна бомба „М75“ со метални кугли со дијаметар од околу два милиметри и шрапнелско дејство, како и вкупно 240 куршуми од различен калибар.

Запленети биле и пиштол „Црвена Застава“ со калибар 7,65 милиметри, со рамка во која имало седум куршуми, како и пиштол Beretta со рамка со шест куршуми. Во домот биле пронајдени и околу седум грама марихуана.

Особено внимание во истрагата привлекува пронајдениот клуч од мотор, за кој надлежните располагаат со оперативни сознанија дека бил употребен при извршување кривично дело убиство. Обвинителството засега не соопштува повеќе детали за кое убиство станува збор.

Надлежниот јавен обвинител до судот поднел и предлог за определување мерка притвор за 33-годишниот осомничен.

Како причини за определување на најстрогата мерка се наведуваат опасноста од бегство, како и можноста осомничениот да продолжи со вршење кривични дела.